Шест години по истекот на мандатот, Собранието во нов обид да избере Програмски совет на МРТВ. Собраниската комисија за избори и именување треба да ја подготви листата од 13 кандидати од пријавените 24 за членови на Советот со мандат од пет години.
За позициите првично беа пријавени 37 кандидати, но Комисијата минатата недела отфрли 13 кандидатури поради непотполна документација.
Шестмина членови на актуелниот состав на Советот избран во 2014, кој долги години беше мета на критики дека е партиски, се пријавија за уште еден мандат. Нивниот мандат заврши во 2019, но продолжија да членуваат во Советот до избор на нов состав.
Најголем дел од сега пријавените се новинари или поранешни новинари, но има и политиколози, правници, режисери, продуценти, актери, инженер, музичари…
Меѓу пријавените е и сегашната претседателка на Програмскиот совет, професорката на ФИНКИ Смилка Јанеска Саркањац, сопруга на неформалниот идеолог на ВМРО-ДПМНЕ, професор Бранислав Саркањац, кој своевремено беше и советник на премиерот Никола Груевски.
Пријавен е и продуцентот Никола Мадиќ, сопруг на поранешната заменик министерка за правда од СДСМ Викторија Мадиќ Аврамовска.
Собранието и во 2019 и во 2021 година се обиде да избере нов програмски совет на МРТВ, но не го обезбеди потребното двотретински мнозинство, па стариот продолжи со работа.
Слична е ситуацијата и со Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. И таму Советот е избран во 2014 и продолжува да работи додека не се избере нов. Обидот од почетокот на годинава исто така го следат обвинувања за политизација. Листата беше утврдена, но очигледно има проблем со обезбедувањето мнозинство, па не стигна на дневен ред на пленарна седница.
Срѓан Стојанчов