Креаторот на шампионската екипа на ЖФК Љуботен направи тикет за хуманитарни цели (Фото)

Женскиот фудбал во Македонија е сè поактуелен во последните години. Екипата на Љуботен од Тетово веќе две години по ред е шампион на Македонија и игра во квалификациите за Лигата на шампионите, а минатата сезона го освои и Купот. Оваа сезона е лидер на првенството со еден бод предност пред Каменица Саса во пресрет на нивниот меѓусебен дуел, кој ќе се одигра во недела, со почеток во 16 часот во Тетово.

Тому креаторот на шампионската екипа, Драгољуб Јовановски, е човек овој петок состави тикет во Sport Life за хуманитарни цели, со кого поразговаравме за женскиот фудбал во Македонија.

„По двонеделната пауза, фудбалерките се враќаат на клупските обврски, а оваа недела се игра дербито кое според сè, ќе го даде идниот шампион. Ние максимално се подготвуваме за овој натпревар, анализираме и финално се воигруваме.
Нијанси ќе го одлучат овој натпревар, се надевам на поволен исход и останување на врвот на табелата и по овој натпревар“, вели Јовановски.

Изминатите две години Љуботен играше во Лигата на шампионите, но и одигра низа контролни средби со екипи од соседството. Имаше можност да си ги одмери силите со многу поквалитетни екипи и јасно да се види квалитетот на македонскиот женски фудбал.

„Две години по ред сме шампиони на Македонија. Со нашето преземање на клубот пред четири години внесовме многу новитети, за првпат донесовме фудбалерки од Бразил, многу интернационалки, а со самото тоа го подигнавме и квалитетот на домашното првенство. Сè уште сме далеку од европскиот фудбал, мислам на оној врвниот, според буџетот, но и според квалитетот. Што се однесува до буџетот, нашиот клуб оваа година можеби е во топ 5-6 екипи на Балканот. Пред нас би биле шампионите на Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, како и моменталниот лидер во Србија, екипата на Црвена ѕвезда. Од разговори со раководните луѓе на Мура, шампионот на Словенија, буџетите ни се горедолу исти, но паралелата буџет – квалитет не соодејствуваат. Имаме голем буџет со помал квалитет од останатите!
Што се однесува до тренинзите, работиме по програма, не измислуваме ‘топла вода’, бараме професионализам и горедоле го добиваме“, додава Јовановски.

Изминатиот период актуелна беше и женската репрезентација на Македонија, која ги започна новите квалификации за Европското првенство со победа над Летонија и пораз од Словенија. Пред овие натпревари дојде и селекторската смена, Кирил Изов беше заменет со Александар Андов.

„Селекторот Кирил Изов беше сменет. Имаше една долга ера на селекторската позиција, резултатите не беа сјајни, но она што беше полошо е дека немаше хармонија и авторитет. Едноставно, не бепе во можност да го извлече најдоброто од фудбалерките и само по себе логично беше да има смена на селекторската позиција. Новиот селектор добро тргна со очекувана победа, поразот од Словенија може боли затоа што е со пет гола разлика, меѓутоа ако го анализирате составот на Словенија, ќе видите дека 10-12 фудбалерки играат во првите пет лиги во Европа. Ако направиме паралела со нашиот во којшто имаме само две, капитенката Андонова и Рочи, кои воочливо отскокнуваат. Останатите интернационалки се од аматерски лиги со натпреварувачки интензитет приближно на нашата лига. Она што ме радува е фидбекот што го имам, а тоа е дека во репрезентацијата владеела добра атмосфера без поделби. Конечно има хармонија и резултатите ќе дојдат сами по себе. Сепак, какви резултати ќе имаме во иднина, најмалку ќе зависи од селекторот, туку од нас клубовите, каква работа ќе имаме и колку и како подготвени репрезентативки ќе испратиме, ако имаме професионален пристап и сериозна работа, селекторот ќе има слатки маки околу изборот, спротивно лошо ни се пишува и нам и воопшто на женскиот фудбал“, вели Јовановски.

 

- Оглас -

Најнови вести