ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Затворени гласачките места, првични резултати околу полноќ

Скопје/Охрид, 24. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Заклучно со 19:00 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Република Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

Според податоците од интернет страницата на Државната изборна комисија (ДИК), одѕивот на претседателските избори до 18:00 часот изнесуваше 47,61отсто, и е поголем од последните избори за шеф на државата во 2019 година кога до 19:00 часот на гласање излегоа вкупно 41,67 отсто од запишаните избирачи.

Александар Даштевски, претседател на ДИК, најави дека Комисијата околу полноќ ќе ги објави првичните неофицијални резултати од првиот круг на претседателските избори.

– Со оглед дека податоците ги добиваме од општински изборни комисии, се надеваме дека пред полноќ ќе ги имаме резултатите во над 50 проценти и ќе може да ги објавиме, рече Даштевски.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно информираа дека изборниот ден се одвива мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Сепак како што изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на некои места биле регистрирани одредени неправилности, како што се фотографирање гласачко ливче, оставање летоци и пишување графити.

До ДИК до 17 часот доставени 308 приговори за заштита на лично избирачко право, од кои 75 се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат правото на глас, 25 се отфрлени како неуредни, 38 се одбиени, а останатите се во обработка.

Денешните претседателските избори ги следеа вкупно 1601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 58 странски новинари.

Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од пет години, со право на најмногу два мандати.

Изборот на претседател речиси секогаш се спроведува во два изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50 % + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.

Во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 % од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услови, целата изборна постапка се повторува.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година. (Крај)

извор: Радио Слободна Европа фото: Радио СЛободна Европа

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука