Утрински Весник
Македонија

Интервју со Спасовски: Не се откажуваме од европски живот за младите дома

5c5fe1c5 Ee65 4795 8b25 1588ae95a326.jpg

24инфо.мк разговараше со носителот на изборната листа на СДСМ во Изборната единица 2, Оливер Спасовски, кој во интервјуто зборуваше за идните мерки од Програмата на СДСМ со која оваа партија ја бара довербата од граѓаните.

Кои се примарните мерки од Програмата на СДСМ за парламентарните избори?

Повеќе пари за граѓаните, подобар животен стандард, бидејќи економијата нѐ засега сите, во наредните четири години проектираме просечна стапка на раст од 5,1% и тоа ќе го оствариме.
Миналната плата за време на режимот беше 8.800 денари, а во текстилната, кожарската и чевларската индустрија само 6.000 денари, што беше под секое ниво на човечко достоинство. Сега таа е неспоредливо повисока, дури и повисока од просечната плата во тоа време – 22.500. Сегашната просечна плата, пак, изнесува 39.500 денари.

Нема да се откажеме од повеќе пари за граѓаните, затоа во следните 4 години просечната плата да се зголеми за дополнителни 500 евра, со што ќе достигне рекордни 1.100 евра, а минималната плата ќе изнесува 600 евра или 37.000 денари. Нашето ветување е преговорите со ЕУ да ги завршиме до 2028 година, а до 2030 година да имаме полноправно членство. А влезот во ЕУ е гаранција за европски стандард, односно просечната плата од 1.300 евра, а минималната плата 800 евра! Тука би спомнал и за системот на пензии, со два пати зголемување во текот на годината, а предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари.
СДСМ секогаш се залагала за фер даночен систем. Иако, генерално, промени во даноците не се предвидени, за да постои солидарност ќе иницираме сериозна дебата за воведување данок на луксуз и богатство. Тоа беше рак рана за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи „големите патриоти“ не сакаа да издвојуваат за државата соодветно со висината на накалапеното богатство. А за нас, единствено правично е тие што имаат многу, да плаќаат повеќе. И, уште нешто: за да го помогнеме бизнисот, ставајќи го главниот фокус на вработувањето на младите, ќе воведеме 0% данок на личен доход за минималната плата!

Со нашиот економски план се обврзуваме да ја намалиме стапката на невработеност од 12% на 7% до 2028 година и првпат во историјата на независна Македонија да се пофалиме со едноцифрена бројка.

Какви мерки нудите во образовниот систем?

За нас европска Македонија значи и европско образование како потреба на сите граѓани, затоа што значи унапредување на квалитетот на живот по европски стандарди, во сите општествени сфери. Само со квалитетно образование е можно младите да ги мотивираме, во родната земја да се образуваат и да придонесуваат во развојот на државата, а земјата и понатаму да напредува.

Предвидуваме поголеми плати на наставниците. Денес платата на наставниците изнесува околу 40.000 денари, а првпат по речиси 20 години, наставниците добија регрес за годишен одмор. Можам слободно да кажам дека платите во образованието, од 2016 година до 2023 година, во просек се зголемени за 40% до 50%. Најголемото покачување на платите во образованието, за 18%, се случи токму во кризните 2022 и 2023 година. Платите мора да продолжат да растат. Така, сите плати, вклучувајки ги и платите во образованието, ќе продолжат да растат. Но за тоа е потребно да ги продолжиме европските интеграции, со коишто по членството во НАТО, дополнително ќе ја осигураме стабилноста на државата и ќе овозможиме предвидлив амбиент за вложувања и инвестиции.

Секако, образованието мора да биде еднакво достапно за сите, без разлика на социјалниот статус, местото на живеење, етничката припадност и други различности. И, во таа насока ќе продолжиме да го поддржуваме семејниот, ученичкиот и студентскиот стандард.

На почеток на учебната година ќе им помогнеме на родителите за набавка на потребните материјали. Ветуваме 50 евра училишен бонус за сите основци и средношколци. Исто така и поддршка за среќен почеток на учебната година, во висина од 6.000 денари за сите првачиња и 9.000 денари за новите средношколци. Најавуваме и бесплатен оброк за сите ученици. Новата Влада што ќе ја предводиме ќе обезбеди по 150 денари дневно, или 750 денари неделно за сите ученици во основните училишта.

Исто така, се обврзуваме и на бесплатен јавен превоз за сите ученици и студенти, како и бесплатен железнички превоз. А, дополнително, ќе воведеме модел за субвенционирање на меѓуградскиот автобуски превоз за сите ученици и студенти кои студираат надвор од своето место во живеење, најмалку четири пати месечно, за доаѓање во местото на студирање и заминување во своето родно место.

Да потсетам дека токму Владата предводена од СДСМ воведе мерки коишто не постоеја во минататото, а коишто денес ги има во образовниот систем, во делот на стандардот, а една од нив е Студентскиот оброк. Над 28.000 студенти добиваат по 840 денари неделно или над 60 евра месечно за студентски оброк.

Ги изедначивме пред две години и износите на најголем дел од категориите на стипендии, на 6.050 денари месечно, што значи зголемување за 80% на стипендиите коишто во минатото изнесуваа 3.300 денари. И денес нема стипендија под 100 евра. А воведовме и нови стипендии во повеќе области, како што се на пример земјоделските науки.

Низ целата држава реконструиравме над 120 училишни објекти, изградени се и 43 училишни спортски сали во основни и средни училишта и опремувањето и реконструирањето продолжува и понатаму. Во следните 4 години се обврзуваме да обезбедиме и бесплатно физичко обезбедување за сите основни и средни училишта. А, во однос на наставните програми и учебници, ќе продолжиме да се заложуваме во нив да нема содржини што поддржуваат предрасуди или поттикнуваат дискриминација врз која било основа. Наставните содржини мора да поттикнуваат толеранција, еднаквост и почитување на различностите.

Што нудите за младите, кој ви е планот да се задржат младите во државата?

Секако, да зборуваме за иднината, а да не ги вклучиме младите во нејзиното проектирање би било крајно несериозно и неодговорно. Особено што токму тие ги препознаа шансите за европска иднина во родната земја и што во изминативе години активно се вклучија во демократските процеси, благодарение на кои зацртавме сигурен пат кон Европската унија. Затоа сме им посебно благодарни.

Во изминатиот мандат направивме многу за подобрување на животниот стандард на младите. Реализиравме голем број мерки и финансиски алатки кои го подобруваат квалитетот на живот на младите луѓе и студентите, во форма на субвенциниран студентски оброк, младински додаток, грантови за започнување сопствен бизнис… Сепак, свесни сме дека тоа не е доволно, затоа предвидуваме низа мерки и можности за младите преку кои ќе се доближат до европските вредности и до врсниците од Европа.

Се обврзуваме во следните 4 години за сите ученици и студенти да овозможиме бесплатен јавен и бесплатен железнички превоз. Покрај ова, ќе воведеме модел за субвенционирање на меѓуградскиот автобуски превоз за сите ученици и студенти кои учат и студираат надвор од своето место на живеење, најмалку четири пати месечно, за доаѓање до местото на студирање и заминување во своето родно место. како и отворање на младински центри во секоја општина.

Предвидено е зголемување на гаранцијата за млади за 35.000 млади луѓе, бесплатен оброк ќе биде обезбеден за сите ученици, како и бесплатен превоз за сите ученици и студенти, а предвидено е и зголемување на студентскиот оброк. Сите основци и средношколци ќе добијат училишен бонус од 50 евра, бесплатни ученички екскурзии, како и поддршка за среќен почеток од 6.000 денари за сите првачиња и 9.000 денари за новите средношколци.

Со мерките и инструментите во Програмата за европска иднина наменети за младите нашата цел е да ја зголемиме нивната економска независност и финансиска стабилност за да можат многу порано, со поголема самодоверба и стабилност, да се осамостојат и да започнат независен живот. Кога сме кај решавање на егзистенцијалните прашања на младите, ќе воведеме програма со субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години. Планираме утврдување максимален износ на цените на пазарот за издавање недвижности. На тој начин, ќе поттикнеме младите да имаат услови порано да се осамосталат, да излезат од сигурноста на родителскиот дом и да почнат да создаваат. Младите земјоделци ќе ги стимулираме со зголемена финансиска поддршка за 100% во првите 5 години, додека за младите претприемачи најавуваме зголемени износи на грантови – поддршка од 8.000 евра за започнување сопствен бизнис.
СДСМ има јасен план и визија како да ја внесе државата во ЕУ во следните 5 години, а младите се движечката сила на тој пат. Нема да се откажеме од европски живот за младите во Македонија!

Какви се проекциите во Програмата на СДСМ за вашиот поранешен ресор, внатрешните работи и безбедноста?

МВР во изминатите 7 години го трансформиравме од заробена и крајно затворена институција во топ три институции по транспарентност, со врвни резултати во борбата против секаков вид криминал, најбезбедна земја на Западен Балкан сме! И, нема да дозволиме нешто кое со години го градевме да се сруши така лесно како кула од карти. Вложивме 17 милиони евра во подобрување на условите за работа на вработените во полицијата ширум државата, 82 реконструирани полициски објекти! Тоа никако не може да се занемари, исто како и влогот од 14 милиони евра во униформи и опрема. Покачувањето од 35% на платата за сите вработени, од 2017 до 2023, како и исплата на сите бонус плати кои режимот не им ги даваше на вработените, туку ги малтретираше по судови да си ги бараат своите права. Реформите на безбедносниот систем како основа за функционирање на правната држава не беа лесна работа. Па, Северна Македонија за таа заслуга на трансформација на безбедносниот сектор, на елиминирање на прислушкувањето, на моќта на поединци, тоа ни го врати кредибилитетот на институциите и на државата пред меѓународната заедница. МВР беше прозорец кон ЕУ и кон светот, признати од партнерите САД за борбата против криминалот и корупцијата, против илегалната миграција, сајбер заканите, тероризмот… МВР мора да остане за граѓаните, без транспарентност и законско работење во МВР нема да имаме правда во Македонија.

Токму тоа го нудиме – продолжување на концептот МВР за граѓаните, уште помотивирана и позадоволна полиција, која за возврат дава врвна безбедност на граѓаните. Свесни сме за успехот и имаме план да го продолжиме. И од тоа не се откажуваме! СДСМ има бескомпромисна политичка волја, со нула толеранција за корупција и силна борба против секаков вид криминал.
И во следните 4 години платите во безбедносниот сектор мора да продолжат да растат, за подобар материјален и социјален статус и повисок животен стандард на вработените. Императив за нас е унапредување на статусот на вработените, на работните услови, на воведување на нови полициски обуки, дигитализација и модернизација на процесите и опремата.

Покрај 82 реконструирани полициски станици низ државата, продолжуваме со подобрување на условите во сите полициски објекти, со изградба на нови полициски станици, а со нови хеликоптери повторно ќе се испише историја на опременост на воздухопловните единици.
Исто така, по примерот на ЕУ, со конфискација на имот ќе пратиме порака дека криминалот не е исплатлив! Системот Безбеден град кој успешно функционира во Скопје, Тетово и Куманово ќе го нагдрадиме и ќе биде ефективен на целата територија на државата. Предвидуваме носење на нови законски решенија за заштита на граѓаните од преголема бучава, како и заострување на критериумите за македонско државјанство. Секако, за успех во сето ова клучни се реформите и во правосудниот систем. Реформата на судството мора да ги опфати сите препораки на Мисијата на ЕУ во нашата држава. Не се откажуваме од врвна безбедност и развиена економија, не се откажуваме од европски живот за младите тука дома!

Можете да прочитате

АПЕЛИРАМЕ НА ВНИМАТЕЛНОСТ – МОЖНИ СЕ ШТЕТИ: Од ноќта сабота кон недела во Македонија доаѓа силно невреме, кое ќе продолжи и наредната недела

СИРИЗА ја осудува провокативната најава од Мицкоски за прекршување на Договорот од Преспа

Генералот Ѓурчиновски во Брисел учествуваше на заседанието на Воениот комитет на НАТО