ЕУ не е педофилска и не ѝ го украла името на Македонија

Фото: vlada.mk

Географската карта прикажана во склоп на објавата, Вистиномер ја пронајде  на сајт каде се наведува дека таа е изработена од англискиот картограф Самуел Батлер и, на неа е претставена Македонија 70 години пред новата ера до 180 година од новата ера. Подвлечен е топоним Еуропус кој бил град во тогашна Античка Македонија. Така што, потенцирањето на подвлечениот топоним на картата Еуропус, не докажува на ниеден начин дека на Македонија ѝ било украдено името. Oсобено не од ЕУ која е формирана по Втората светска војна. Во објавата, исто така се тврди дека „ЕУ е педофилска“ што е невистина. Не постои иницијатива во ЕУ да се легализира педофилијата која се смета за кривично дело

Географската карта прикажана во склоп на објавата, Вистиномер ја пронајде  на сајт каде се наведува дека таа е изработена од англискиот картограф Самуел Батлер и, на неа е претставена Македонија 70 години пред новата ера до 180 година од новата ера. Подвлечен е топоним Еуропус кој бил град во тогашна Античка Македонија. Така што, потенцирањето на подвлечениот топоним на картата Еуропус, не докажува на ниеден начин дека на Македонија ѝ било украдено името. Oсобено не од ЕУ, која е формирана по Втората светска војна. Во објавата, исто така, се тврди дека „ЕУ е педофилска“ што е невистина. Не постои иницијатива во ЕУ да се легализира педофилијата која се смета за кривично дело

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ве гледам што пишувате и мачнини ме фајчаат. ЧЕ сте оделе во Европа. Абе јадници да ви каже нешто дедо Гоце, бескичмењаци. Зошто таа педофилска ЕУ ве ништи преку се? Затоа што безкичмењаци едни, тие диви орди ви го украдоа името Европа. Гледајте мизеријо една каде е градот Европа, градот е во Македонија. Ало мекотелни амеби, никогаш а ни тогаш нема да ме разберете мене зашто јас не сум чипиран како вас.

Во склоп на објавата се споделува карта на која во средината подвлечен е топоним Еуропус.

ЕУ не ја ништи Северна Македонија, туку е нејзин стратешки партнер кој континуирано дава поддршка преку проекти, финансиска и структурна помош во клучните области за унапредување на демократијата и системот во земјава. Вложувањата се во здравството, полицијата, владеењето на правото, економијата, невладиниот сектор, јавната администрација, трговијата…

Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е главен финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во С. Македонија и на нејзиниот пристапен процес. Од 2007 година наваму, ЕУ, преку националната ИПА програма, инвестираше 1,6 милијарди евра во пет клучни области: владеење на право и фундаментални права, демократија и добро владеење, заштита на животната средина и одржлива поврзаност, економски развој и човечки капитал, земјоделство и рурален развој. Сите овие области се клучни за демократскиот тек и за владеењето на правото во земјата, кои ги засегаат сите граѓани.

Дополнително, Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР) обезбеди 10 милиони евра за проекти за зајакнување на демократијата и човековите права во периодот 2007 – 2024 година.

ЕУ, исто така, нуди поддршка преку TAIEX инструментот, кој им помага на земјите партнери да се запознаат, да ги применуваат и извршуваат законите на ЕУ.  TAIEX финансира краткорочна техничка помош, совети и обука. Помошта на TAIEX е отворена за државни службеници, судски и полициски власти, парламенти/законодавни тела и нивниот персонал, професионални/трговски здруженија, групи на работници и работодавачи, преведувачи и уредувачи на законодавни текстови.

Во врска со економските и трговските односи ЕУ е главниот трговски партнер на С. Македонија, со 77,5 проценти од извозот на земјата и 51 процент од нејзиниот увоз. Германија е најголем трговски партнер на земјата, а следуваат Велика Британија, Србија, Кина и Грција.

Во објавата што ја рецензираме, исто така, се тврди дека „ЕУ е педофилска“ што е невистина. Но, уште поинтересно е што тезата за „педофилска ЕУ“ премногу асоцира на дезинформациите и пропагандата која се шири од Кремљ, а која му е посветена на Западот во обид да се оправда агресивната руска воена инвазија на Украина. Така, претседателот на Русија, Владимир Путин, на 21 февруари 2023 година го обвини Западот дека ја направил педофилијата „норма“. Тоа го пренесе француски Ле Монд.

Не постои ниту приближна иницијатива во ЕУ да се легализира педофилијата која се смета за кривично дело. Директивата за борба против сексуалната злоупотреба и сексуалната експлоатација на децата и против детска порнографија, е само еден документ кој ја претставува непоколебливата борба на ЕУ против криминалот со педофилијата.

Географската карта која е објавена во склоп на објавата што ја рецензираме, Вистиномер ја пронајде со помош на алатката за обратно пребарување на фотографии на сајт каде се наведува дека таа е изработена од англискиот картограф Самуел Батлер и на неа е претставена Македонија 70 години пред новата ера до 180 година од новата ера. Подвлечен е топоним Еуропус кој бил град во тогашна Античка Македонија. 

Според Нешнал Географик, името Европа се верува дека е со грчко потекло, бидејќи е име на принцеза од грчката митологија. Исто така, можно е да потекнува со комбинирање на грчките корени еур (широко) и оп (гледање) за да се формира фразата „широко-гледање“, пишува Нешнал Географик.

Но, ова е само теорија, бидејќи Британика пишува дека за името Европа има повеќе теории. 

Една од нив е дека името Европа потекнува од асирскиот збор Ереб (заоѓање на сонцето), со кој Феничаните и Асировавилонците ги означувале териториите на запад.

Така што, потенцирањето на подвлечениот топоним на картата Еуропус, не докажува на ниеден начин дека на Македонија ѝ било украдено името. Oсобено не од Европската Унија која е формирана после Втората светска војна. 

Поради сите горенаведени факти објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција