Неочекуван пресврт: Ралф Рангник е фаворит за тренер на Баерн Минхен

Пред повеќе од еден месец беше објавено дека Томас Тухел ќе си замине од клупата на Баерн Минхен, како опции во меѓувреме се појавија бројни имиња, но последните информации говорат дека баварскиот гигант е решен да донесен конечна одлука, и тоа крајно изненадувачка.

Ралф Рангник би требало да биде стратегот што ќе го наследи Тухел и од 1 јули ќе седне на клупата на Баерн, откако највисокото раководство на клубот дало зелено светло за ангажман на овој стручњак. Рангник моментно е селектор на Австрија, но веднаш по завршувањето на ЕВРО 2024 би бил слободен за преселба на „Алијанц Арена“, што воедно би претставувало и врв на неговата тренерска кариера.

Тој имаше кратка неуспешна авантура во Манчестер Јунајтед, која мина во знакот на недоразбирањата со Кристијано Роналдо, а Рангник во овој период отворено говореше за проблемите во функционирањето на англискиот гигант. Токму искреноста и решителноста да се решат одредени проблеми го прави искусниот стратег идеален кандидат за Баерн, ако се знае дека во баварскиот гигант ќе биде неопходен „рез“ по катастрофалната сезона и прекинатата доминација во Бундес-лигата.

Голем плус за Рангник е што зад неговата „кандидатура“ во Баерн стои Карлхајнц Румениге, кој отворено беше против камбек на Јулијан Нагелсман, но затоа гласно говори за искусниот Ралф Рангник како за идеално решение во моментов. Директорите Еберл и Фројнд веќе имале една средба со овој кандидат, Фројнд има зад себе и успешна соработка со Рангник додека двајцата беа во Салцбург, а новата рунда разговори е закажана за средината на оваа седмица. На неа, како што најавуваат може да биде постигнат целосен договор, по што експресно би следела и официјализација и затворање на тренерското прашање во Баерн за наредните две години.

Се вчитува...