Македонија
Потребни се итни акции за спас на Преспанското Езеро, клучна соработката со владите во Грција и Албанија

Првиот вицепреммиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска беше домаќин на советодавната мисија „Рамсар“, предводена од Флоре Лафаје, која престојува во нашата земја за да даде стручни совети и препораки како да се третира и да се стопанисува со Преспанското Езеро.
Езерото од 1996 година е ставено на листата на заштитени подрачја, а намалувањето на водостојот на Преспанското Езеро претставува сериозен проблем.
Министерот Меџити на средбата истакна дека Преспанското Езеро во последните неколку години се соочува со значително намалување на нивото на водата, што претставува сериозна закана за неговиот еколошки систем.
„Климатските промени, користењето на водата за наводнување и подземните истекувања се едни од најголемите закани со кои треба да се соочиме и да се обидеме да ги решиме. Овие проблеми не може да чекаат и затоа се потребни итни и координирани акции“, рече Меџити додавајќи дека државата прави значителни напори да ги исполни барањата на ЕУ и зелениот договор за заштита на природата и климатските промени, како и за заштита на водите.
Меџити се заблагодари за одличната соработка со мисијата, која позитивно одговори на барањето на Министерството за животна средина и просторно планирање, и посака успех во работата. Мисијата ќе посети делови од Преспанското Езеро во Северна Македонија, Албанија и во Грција за да анализира зошто се случува овој феномен.
Претставникот на Рамсарската конвенција, Флоре Лафаје, рече дека е задоволна што има можност да престојува во Северна Македонија и изрази задоволство што Министерството за животна средина покажува зголемената загриженост и што спроведува многубројни активности за заштита на животната средина.
„Сакам да изразам задоволство што владите на Северна Македонија, Албанија и на Грција остваруваат исклучително добра соработка за Преспанското Езеро, кое со својата биолошка разновидност важи за бисер на природата, и би сакала да продолжи овој тренд, и со зголемен придонес на ЕУ, УНДП и ГЕФ, во соработка со трите влади, да го решиме овој проблем“, изјави Лафаје.
Министерството за животна средина на Северна Македонија од Секретаријатот на Рамсарската конвенција побара посета на Советодавната мисија, а кон ова барање подоцна се приклучија и Албанија и Грција, претставени на средбата од претставничката од Албанија, Јула Селмани, раководител на секторот за испорака на проекти од Националната агенција на заштитени подрачја, и од Грција – Лито Падопуло и Виви Румелиту.
Рамсарската конвенција е меѓународен договор воспоставен во 1971 година, прва заштитена област во Северна Македонија беше Преспанското Езеро со природниот парк „Езерани“ во 1996 година, потоа Дојранското Езеро во 2008 година, а во 2021 година на листата беа додадени Охридското Езеро и Студенчишкото Блато.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвинителството бара да се продолжи притворот на осомничените за пожарот во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани побара од Судот да се продолжи притворот за сите осомничени во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, а во кој загинаа 61 лице, а повеќе од 100 се повредени. За тројца од осомничените, Обвинителството бара мерката притвор да се замени со куќен притвор.
„Во текот на денешниот ден до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека. Само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.
Македонија
Во недела посебен сообраќаен режим во Скопје

СВР Скопје известува дека 13.04.2025 (недела) со почеток во 10.00 часот, поради одржување на улична трка, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Трасата на движење ќе започне од бул.„Илинден“ пред фонтана Лотус (старт и цел) право долж бул.„Илинден“ до крстосница со бул.„8-ми Септември“ каде се врти полукружно назад по бул.„Илинден“ до целта фонтана Лотус, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Герасимовски: Преку едукативни и практични активности ја зголемуваме свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот

Денеска, на отвореното спортско игралиште во ООУ „Димитар Миладинов“, се реализираше проектот „И ние децата сме учесници во сообраќајот“, организиран од Општина Центар. Проектот има за цел преку едукативни и практични активности да ја зголеми свеста кај учениците за безбедно учество во сообраќајот.
Во настанот учествуваа вработени од општината, наставници по техничко и физичко образование, како и 24 ученици од 8 основни училишта на територија на општината. Учениците покажаа одлични вештини во возење велосипед на посебно подготвен полигон, поставен од наставниците по техничко образование.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцираше дека општината е посветена на создавање побезбедна средина за децата.
„Преку вакви проекти не само што учиме, туку исто така и градиме одговорни млади учесници во сообраќајот. Настанот беше одличен пример како преку едукација и игра може да се влијае врз свеста за сообраќајната култура кај најмладите”, рече Герасимовски.
Герасимовски ги награди најдобрите учесници со дипломи и вредносни ваучери од Мега спорт во висина од 12.000 денари за прво, 9.000 илјади денари второ и 6.000 денари за трето место. Прво место освои ученикот Димитар Арсиќ од ООУ „Гоце Делчев“, второ место Дамјан Чивчиристовски од ООУ „Киро Глигоров“ и трето место Томи Тодоровски од ООУ „Киро Глигоров“.
„Општина Центар и во иднина ќе продолжи со организирање вакви и слични настани со цел подобрување на безбедноста и едукацијата на младите во сообраќајот”, додаде Герасимовски.