Лазаров: Фокусот е кај нас, време е да почнеме да го оформуваме ликот на новата репрезентација Македонија

Ракометната репрезентација на Македонија ги доби противниците за Светското првенство кое на почетокот на следната година ќе се одржува во Полска и Шведска. Денешната ждрепка во Катовице одлучи, Македонија да се најде во групата Ф заедно со репрезентациите на Норвешка, Холандија и Аргентина. Нашата репрезентација немаше среќа на ждрепката бидејќи можеше да се падне и многу полесна група.

Селекторот Кирил Лазаров вели дека и покрај тешката група фокусот треба да остане кај нив и дека е време за оформување на ликот на новата репрезентација на Македонија.

„Многу интересна и тешка група за нас. Не можам да бидам објективен, затоа што нашата репрезентација за прв пат ќе настапи без ракометари од калибарот на Миркуловски, Стоилов, Лазаров.. Ме загрижува и неиграњето на Вардар во Лигата на шампионите, затоа што некои од нашите репрезентативци остануваат без потребните силни натпревари во текот на сезоната и пред почетокот на СП. Не ни останува ништо, освен да почнеме да го оформуваме ликот на новата репрезентција на Македонија. Длабоко во себе верувам во невозможни мисии и работа и само така можеме да одиме напред. За Норвешка не треба да трошиме зборови, Холандија беше хит на последното Европско првенство. Аргентина со години знаела да прави големи проблеми и на посилни репрезентации од нашата. Ќе се фокусираме на себе и нашата селекција и ќе работиме на тоа што подобро да се подготвиме за настапот на СП“, вели селекторот на македонската репрезентација Кирил Лазаров.

Се вчитува...