Капиталот на ЕСМ бесплатно ќе им се дели на граѓаните?

Во 2025 година, граѓаните ќе добијат 43 отсто од сопственоста на капиталот на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), а за 2028 година е предвидена распределба според истиот модел и за електропреносниот оператор МЕПСО. Ова беше наведено во предизборната програма на СДСМ и наиде на низа реакции од експертите и од јавноста. Според пресметките, во 2025 година, 225 милиони евра од капиталот би им биле бесплатно поделени на граѓаните. Според тоа, едно четиричлено семејство би добило акции со номинална вредност од околу 500 евра, кои би можело да ги продава на Македонската берза. Доколку ЕСМ работи профитабилно, граѓаните би добивале годишна дивиденда

4339

Во 2025 година, граѓаните ќе добијат 43 отсто од сопственоста на капиталот на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), а за 2028 година е предвидена распределба според истиот модел и за електропреносниот оператор МЕПСО. Ова беше наведено во предизборната програма на СДСМ и наиде на низа реакции од експертите и од јавноста. Според пресметките, во 2025 година, 225 милиона евра од капиталот би им биле бесплатно поделени на граѓаните. Според тоа, едно четиричлено семејство би добило акции со номинална вредност од околу 500 евра, кои би можело да ги продава на Македонската берза. Доколку ЕСМ работи профитабилно, граѓаните би добивале годишна дивиденда.

По двата неуспешни обида за распродажба на ПАХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Тиквеш“ на грчки „Архиродон“ и на когенеративната гасна постројка на грчки „Митилинеос“, во екот на предизборната кампања СДСМ излезе со предлог за приватизација на ЕСМ преку издавање акции на сите граѓани на Македонија. Според нивниот план, капиталот на компанијата, сметководствено проценет на 515 милиони евра, би бил поделен на 31,7 милион обични акции, од кои секоја со номинална вредност од по 16,2 евра, односно 1.000 денари. Секој граѓанин би добил по околу 8 акции. Ова значи дека едно четиричлено семејство би се здобило со 32 акции, со номинална вредност од по 1.000 денари или вкупно 32.000 денари, се вели во програмата на партијата.

Универзитетскиот професор Дејан Трајковски на фејсбук пишува дека на СДСМ, по сите штети што ги направил во последниве години, повеќе не може да му се верува за ништо.

– Сите многу добро знаеме дека во ЕСМ, пред сè во РЕК „Битола“, се работи многу недомаќински. Доколку државата не ги покрива разликите од продажната цена, моментално 58 евра за мегават-час, до производствената цена, моментално 110 евра за мегават-час, ЕСМ постојано би генерирало загуби и капиталот на компанијата континуирано би се топел. Но, што ќе правиме кога 43 отсто од сопственоста на капиталот, 515 милиони евра, ќе преминат во рацете на граѓаните? Тогаш државата од буџетот би го покривала само својот дел од загубите, додека граѓаните нема да покриваат ништо, бидејќи немаат пари. Загубите ќе се трупаат, а капиталот ќе се намалува. Досега ЕСМ, благодарение на субвенционирањето на цената и покривањето на загубите, некако се одржувало на „позитивна нула“. Но, без учество на граѓаните во покривањето на загубите, годишниот биланс на успехот ќе биде постојано негативен, односно не само што нема да има исплата на дивиденди на граѓаните туку, за да се одржи работењето на ЕСМ, некој ќе мора да внесува свеж капитал, односно да врши докапитализација. Доколку државата внесува капитал и добива дополнителни акции за тоа, учеството на граѓаните во компанијата постојано ќе се намалува, а тие нема да добиваат дивиденди сè додека компанијата стане профитабилна, иако знаеме дека нема никогаш да се случи тоа – пишува Трајковски.

Според него, постои второ сценарио, според кое многу веројатно е дека државата нема да има пари за покривање на загубите, па ќе реши да побара „стратешки инвеститор“, на пример грчки „Митилинеос“ или некоја друга компанија.

– Кога ќе започне да се приближува цената на акциите кон нула, граѓаните масовно ќе ги распродадат своите акции, а истовремено и државата ќе ѝ ги продаде своите акции на странската компанија. Како краен резултат, „Митилинеос“ може многу лесно да стане нов сопственик на ЕСМ и така да се најдеме во енергетско ропство, слично како што и сега ни најавуваат нивни влез во компанијата. Во услови на недомаќинско работење во РЕК „Битола“, давањето акции на граѓаните ќе остане само предизборен трик, од што практично никој нема да види корист. Иако идејата навидум изгледа убаво, таа е избрзана, бидејќи најпрво мора да се донесе професионален менаџмент на чело на компанијата и истата финансиски да се стабилизира, па дури потоа да се зборува за поделба на имотот на граѓаните – објаснува Трајковски.

Тој додава дека граѓанското акционерство, во услови на недомаќинско работење, само ќе ги забрза стечајот на ЕСМ и продавањето на странски „стратешки партнер“.

Енергетскиот експерт и универзитетски професор Константин Димитров прашува дали ќе има казна за обид за злосторство.

– Го манипулираат народот, без многу пари, да станат сопственици на компаниите. Ветуваат 8.000 ваучер-акција на секој граѓанин на Македонија. Божем граѓаните ќе станат сопственици на АД ЕСМ. За два милиона граѓани, вкупно потрошени 260 милиони евра. Тој што ќе купи 50 отсто акции за 130 милиони евра, станува сопственик на АД ЕСМ. Вредноста на ТЕЦ „Тиквеш“ е 300 милиони евра, а вредноста на произведената енергија од хидроцентрали е 100 милиони евра годишно. Ако се искористи дел од таа енергија за балансирање, приходот е 150 милиони евра. Нема трошоци за гориво, ниту ануитети. Лажни соништа на Ковачевски и Маричиќ – напиша на својот фејсбук профил Димитров.

Според експертите, наместо да се бара во професионалното менаџирање и воспоставувањето домаќинско работење во ЕСМ, решението се бара во раскрчмување, а крајната цена ќе ја платат граѓаните.

(А.С.)