„Кризата Игра“ изложба на Игор Станоески во МКЦ

52

Во Галеријата на МКЦ, на 22 јануари, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Кризата Игра” на Игор Станоески. Изложбата претставува внатрешно патување низ дефектите на сегашноста.

-Кризата како персонификација на механиката на хаосот, наспроти хармонична светлина. Струја за програмирање на колективот и истовремено алатка за кршење на индувидуализмот. Патот низ кризата е синтетизирано трансформиран во игра за оние кои успеваат да ја преживеат, посочува организаторот кон изложбата.

Игор Станоески a.k.a ИГИ МАН е мултимедијален автор, музичар, композитор-аранжер, текстописец, академски скулптор и продуцент. Роден 1986 во Скопје, дипломира на ФЛУ, на отсекот вајарство во класата на Жарко Башески во 2013 година. По дипломирањето работи паралелно на уметнички истражувања во насока на спојување на класичните медиуми во мултимедијална целина која опфаќа звук (музика), форма (скулптура), цртеж и боја. Првите интернационални референци ги добива во сферата на музиката и аудиовизуелните проекти, меѓутоа подоцна акцентот на неговото творештво се доближува кон традиционалните ликовни медиуми како сликарството и вајарството низ повеќе самостојни и групни изложби во земјава и надвор. Во 2017 година го официјализира своето творештво отворајќи ја фирмата „Креативна работилница ИГИМЕН“ со дејности, создавање и издавање на аудио записи и креирање на уметничко творештво. Досега има изложувано во повеќето галериски простори низ Македонија, како и надвор од државата.