Репортажи

Најтемната ноќ на Бихаќка – одблиску

Тивко во штабовите на СДСМ и на Пендаровски

Контурите на обемот на поразот на СДСМ се навестија уште по завршувањето на гласањето според невообичаено празното седиште на партијата и видливата отсутност на многу познати ликови. Иако светла допираа од сите прозорци на стаклената зграда, ниту во прес-салата, ниту во дворот немаше големи групи поддржувачи или членови. Сѐ до обраќањето на Димитар Ковачевски.

Кога тој излезе на партиската говорница да го потврди историски најлошиот резултат за партијата, од присутните беше дочекан со краток аплауз. Пет минути пред да пристигне, во салата влегоа и партиските челници, носители на листи и државни функционери.

Придружувани од партиската младина и од помалите коалициски партнери ја наполнија просторијата во која дотогаш беа само медиумските екипи. Новинарите безуспешно се обидуваа да добијат некој збор повеќе од нив. Обидите за контакти останаа на резервирани насмевки и поздрави.

„Резултатот е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата“, рече Ковачевски и побара избор на нови партиски тела на сите нивоа, вклучувајќи и за неговата претседателска позиција.

„Тој процес не смее да биде долг, но никако стихиен или, пак, експресен“, рече Ковачевски.

Изборна ноќ во партиското седиште на СДСМ

Ковачевски остана само на повикот за избор на нови партиски органи | Фото: СДСМ

По обраќањето веднаш замина, не оставајќи простор за новинарски прашања. И повторно беше поздравен со краток аплауз, со каков што беше и пречекан. Заедно со него заминаа и неговите соработници.

Но, кратко по прес-конференцијата, партискиот потпретседател Фатмир Битиќи реши да дејствува брзо. Поднесе оставка со одложено стапување во сила.

„Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки што го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот“, најави Битиќи, инсистирајќи на оставки од сите.

Неговиот чекор отвори простор за шпекулации што точно се случувало пред обраќањето на Ковачевски и дали поранешниот премиер одбил веднаш да даде оставка.

Повикот за оставка претпладнево го послушаа потпретседателот Перо Костадинов и претседателката на форумот на жени Јована Тренчевска.

Мачно чекање резултати

Изборна ноќ во партиското седиште на СДСМ

Новинарските екипи цела вечер беа на готовс | Фото: БИРН

„Не е добро“, беа единствените зборови што можеа да се чујат и во телефонските контакти со лица од аналитичкиот партиски штаб, во кој на претходните избори можеше и да се влезе, и да се разговара.

А новинарските екипи во седиштето на СДСМ беа од 19 часот, кога и се затворија избирачките места. Тогаш беше и првото, и последно обраќање на портпаролката Богданка Кузеска да го соопшти единствениот успех на партијата – организирањето мирни и фер избори.

„Имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден, изборите беа фер и демократски“, рече Кузеска и замина веднаш по прес-конференцијата.

Повремено се симнуваше заедно со другиот партиски портпарол Дарко Каевски, но само линковски да се вклучат во отворените студија на некоја телевизија. Потоа заминуваа со најава дека за сѐ друго ќе информираат.

Салата остана речиси празна откако повеќето присутни се преселија во дворот. Но, и тој не беше полн. Малкуте партиски поддржувачи ги собираше на клупите под стреата каде што се засолнуваа од дождот.

Меѓу првите партиски функционери што пристигнаа беше Оливер Спасовски.

„Ќе видиме на крајот“, беше кусиот коментар што го даде долгогодишниот министер за внатрешни работи, кого новинарите го бркаа до вратата за да добијат некаква информација.

По него пристигнаа и Фатмир Битиќи, Јован Митревски и Венко Филипче. И тие не застанаа да ги споделат впечатоците. Веќе до 20 часот светеа речиси сите простории во стаклената зграда од која не излегуваше никаква информација. Ковачевски дошол пред нив, коментираа партиските поддржувачи, кои лично го виделе лидерот кога пристигнал.

Еден час по затворањето на избирачките места можеби беше рано за конечните резултати, но јасно беше во кој правец се движат резултатите.  Прва до поддржувачите „од горе“ стигна информацијата за претседателските избори. А таа не беше добра.

„Гордана 70 отсто, Стево 30 отсто“, беше споделената вест, која од мобилниот телефон рамнодушно ја прочита еден од присутните.

Неофицијалните информации за парламентарните избори, од малку обработени податоци, покажуваа дека СДСМ е, всушност, во тесна трка со гласови со ДУИ, а не со својот политички ривал ВМРО-ДПМНЕ.

Секоја нова дојава ја ронеше и онаа мала надеж за можен пресврт по лошиот резултат од првиот круг претседателски избори. Грицкањето семки и гледањето на ракометниот натпревар меѓу Македонија и Фарски Острови, во тој момент, изгледаше како подобра опција за партиските поддржувачи. Но, и тој резултат не им придонесе за радост. Македонија губеше.

Во меѓувреме пристигнаа и од партиската младина. Побучно од повозрасните  сопартијци ги коментираа изборните резултати. Но, нивните анализи не беа насочени кон досегашното владеење на партијата, туку кон иднината, која заклучија дека ќе била многу полоша со ВМРО-ДПМНЕ на власт. Сепак, и тие се обидуваа да донесат човек повеќе во партискиот двор.

„Брат, ако сакаш дојди, ако не, не мораш, за пораз не се вика“, гласно некого убедуваше преку телефон еден од присутните.

А поразот беше силен. Крајот на пребројувањето ливчиња покажа дека освоиле околу 65.000 гласови помалку од најлошиот резултат на партијата во 2006 година. Првпат поддршката падна далеку под 200.000 гласови, со кои обезбедија 18 пратенички места и станаа трета партија во парламентот. ДУИ, со еден пратеник повеќе, го зазеде нивното очекувано второ место.

Претседателскиот кандидат на СДСМ, пак, Стево Пендаровски, освои речиси 100.000 гласови повеќе од партијата што го предложи. Но, и со нив, недостижна му беше победа во вториот круг на претседателските избори.

Непријатна тишина кај Пендаровски

Изборна ноќ во штабот на Стево Пендаровски, во хотелот Александар Палас

И помалата сала во скопскиот хотел личеше како голема | Фото: БИРН

Патоказите, на кои обично е испишано името на настанот во хотелот „Александар Палас“, овојпат беа празни. Празна беше и конференциската сала на која падна изборот да биде прес-центар за изборната ноќ. Единствено големиот бим, со слоганот „Нашиот претседател Стево“ сведочеше дека токму тука е изборниот штаб на Пендаровски.

„Сега ја избраа помалата сала“, коментираше еден од вработените во хотелот.

Резултатите од првиот круг од претседателските избори се следеа од речиси двојно поголемата соседна сала. Проценката за вториот круг се покажа како добра, бидејќи и помалата сала сега личеше огромна со дваесетина сниматели и новинари, и уште неколкумина ангажирани за озвучувањето наспроти десетиците празни столчиња.

Во салата, на моменти беше толку тивко, што мува да прелеташе, ќе се слушнеше. Одвреме-навреме, тишината ќе ја прекинеше некоја посилна грмотевица однадвор или некој од линковите за изборните програми на телевизиите. Новинарите, пак, слично како и оние од штабот на СДСМ се мачеа што во живо да соопштат поради молкот.

Па, одново и одново го цитираа штурото соопштение од буквално две реченици, кое беше испратено од прес-центарот, кратко по затворањето на гласачките места. Со него Пендаровски им се заблагодаруваше на граѓаните затоа што на овие избори „покажаа демократска зрелост“.

Тој беше во хотелот, заедно со луѓето од штабот, но во салата не се појави сѐ до обраќањето. Одвреме-навреме ќе дојдеше по некој од неговиот кабинет, со израз во кој јасно се оцртуваше разочарувањето од изборните резултати.

„Не го очекувавме ова денеска од ДУИ“, вртеше со главата еден од блиските соработници на претседателот.

Кога ДИК ги објави првите резултати од гласањето, веќе беше јасно сѐ. Пендаровски губи со двојно помалку гласови од противкандидатката Гордана Сиљановска-Давкова.

„Рано е, многу малку гласачки места се обработени“, смируваа од неговиот штаб.

Сите чекаа да дојде 21.30 часот, за кога беше најавено единственото обраќање на претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ. Заслепен од рефлекторите, Пендаровски прво замоли да се намали светлото. Потоа им честиташе на победниците и изрази жалење што неговиот концепт за мултиетничка Македонија, целосно интегрирана во евроатлантските структури, не доби мнозинска поддршка од граѓаните.

„Јас сум длабоко убеден дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава. Во таа смисла, мојата совест е мирна. Не сум сигурен дали совеста им е мирна на оние кои, тргнувајќи од теснопартиски или лични интереси, денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори“, истакна во своето обраќање Пендаровски.

Изборна ноќ во штабот на Стево Пендаровски, во хотелот Александар Палас

Местење за последната фотографија на претседателскиот кабинет | Фото: БИРН

Беше поздравен со краток аплауз од своите соработници. Малку подоцна, на излегување од хотелот, за последен пат и се сликаше со нив. Следеа прегратки и ракувања.

Пред со семејството да си замине од хотелот, само кусо им довикна.

„Се гледаме, дојдете околу 12 часот. Отспијте прво“.