Останати спортови

Тием го потврди повлекувањето од тенисот

Поранешниот треторангиран тенисер во светот и победник на УС Опен во 2020 година, Австриецот Доминик Тием, кој во моментов е на 117. место на АТП листата, објави денеска дека се повлекува од тениските терени на крајот на сезоната поради повреда на зглобот.

Тием го потврди повлекувањето од тенисот

„Сезоната 2024 ќе ми биде последна, одлучив да ја завршам кариерата“, објави 30-годишниот Тием во видеопорака на социјалната мрежа Инстаграм.

Меѓу причините за оваа, како што рече, внимателно разгледана одлука, ја наведе состојбата на зглобот, но и длабокото чувство на беспомошност и депресија што го мачи подолго време.

Тием рече дека е благодарен за неверојатното искуство што го доживеал, низ подемите и падовите, и возбуден за она што следува во иднина, без да наведе повеќе детали.

Во 2021 година, Австриецот го повреди зглобот и беше опериран, поради што отсуствуваше од терените речиси една година.

Тием својот најголем успех го постигна во 2020 година кога ја освои титулата на УС Опен, победувајќи го Германецот Александар Зверев во финалето. Тој има уште две финалиња на Ролан Гарос во 2018 и 2019 година, како и финале на Австралија опен во 2020 година.

На светската ранг-листа највисок пласман му беше позицијата број 3 во пролетта 2020 година, но во моментов е на 117. место.

To top