Израел ја „анектираше“ палестинската економија

Војната во Појасот Газа ја забрзува израелската „анексија“ на палестинската економија, сметаат аналитичарите кои веруваат дека оваа економија со децении е ограничена со договорите што следеа по мировните договори во Осло.

Војната којашто трае од 7. октомври во Газа го уништи поголемиот дел од малата крајбрежна пренаселена енклава, но влијаеше и на јавните финансии и на пошироката економија на другата палестинска енклава – окупираниот Западен брег (на реката Јордан). Израел ја зајакнува контролата врз Палестинската самоуправа, која владее со делови од територијата, задржувајќи ги даночните приходи што ги собира во нејзино име, изјави економистот Адел Самара за агенцијата France Presse.

Стандардот на Палестинците е загрозен од забраните за влез на работниците кои работеле претходно во Израел и падот на туризмот, што беше најочигледно во уништената божикната сезона Витлеем, кој се наоѓа на Западниот брег каде што се и повеќето локации значајни за христијанството и масовно посетувани од аџиите. Истото сега се повтори и во текот на велигденските празници кога покрај посетите на Ерусалим се вообичаени и туристичките посети и на Западниот брег.

Самара истакнува дека „технички гледано, нема палестинска економија под израелска окупација – израелската економија практично ја анектира нашата“.

Палестинската економија во голема мера функционира врз основа на Парискиот протокол од 1994 година, кој ја даде контролата врз границите на територијата исклучиво на Израел, кој има право да наплатува царини и данок на додадена вредност за Палестинската самоуправа. Израел постојано ги користеше овие овластувања за да ја лиши Палестинската самоуправа од потребните приходи.

Војната во Газа дополнително го засили ова, тврди Самара. Најголем дел од приходите од царина од 7. октомври не завршуваат во палестинскиот буџет, пишува француската агенција.

„Без овие приходи, палестинската управа има потешкотии да ги исплати платите на јавните службеници и тековните трошоци“, вели Тахер ал-Лабади, истражувач во Францускиот институт за Блискиот исток.

Во февруари Норвешка на Палестинската самоуправа ѝ префрли 115 милиони евра од Израел, по договорот за одмрзнување на дел од даноците.

Во моментов на речиси сите палестински работници им е забранет влез на работа во Израел, што значително ја зголеми невработеноста на палестинските територии. Палестинскиот премиер Мохамед Мустафа зборува за „финансиска криза без преседан“ во која владиниот дефицит порасна на седум милијарди долари, што е повеќе од една третина од бруто домашниот производ (БДП) на палестинските територии.

Парискиот протокол, како и договорите од Осло од 1993 и 1995 година, според кои беше потпишан, требаше да бидат на сила пет години, до формирањето на палестинската држава. Но, поради отсуството на долгорочен мировен договор, тој сè уште е во сила за речиси сите аспекти на палестинската економија. Протоколот ги задушува и инвестициите, бидејќи, како што истакнува Самара, Израел ги контролира „земјата, ресурсите и изворите на вода“ на палестинските територии.

Ако фабрика или компанија сака пристап до овие ресурси на Западниот брег, прво мора да добие одобрение од Израел.

Ситуацијата дополнително се влоши под екстремно десничарскиот израелски министер за безбедност Итамар Бен-Гвир и министерот за финансии Безалел Смотрих, двајцата доселеници на Западниот брег. Критичарите ги обвинуваат дека го уценувале премиерот Бенјамин Нетанјаху давајќи му тенко мнозинство во парламентот. Со ова се согласува и израелскиот политиколог Мајкл Милштајн.

„Недозволувајќи им на палестинските работници да влезат во Израел и лишувајќи ги Палестинците од даночните приходи, Бен-Гвир и Смотрих сакаат да ја соборат Палестинската самоуправа, која ја сметаат за непријател. Тоа е начин на колективно казнување на Палестинците, кои тие ги сметаат и за непријатели“, вели Милштајн.

Милштајн истакнува дека пред 7. октомври, речиси една третина од приходот на Западниот брег доаѓал од заработката на околу 193.000 Палестинци кои работеле во Израел. Денес ги има само меѓу осум и девет илјади, рече тој.

Укажува на друга струја на мислење во Израел, онаа на центристичкиот министер Бени Ганц и конзервативниот пратеник Гидеон Сар. Тие сакаат да дозволат враќање на палестинските работници за да се избегне бунт на Западниот брег во време кога израелските сили веќе се развлечени од конфликтите во Газа и на границата со Либан. Милштајн, во тој контекст, смета дека израелскиот премиер Нетанјаху е поблиску до ставот на Ганц.