Мистериозна античка камена мегаструктура откриена под Балтичкото Море

444

Под брановите на Балтичкото Море, научниците откриле камена мегаструктура стара 10.000 години, Blinkerwall, најверојатно помагало за лов, откривајќи ги мистериите на древните заедници на ловци и собирачи.

Длабоко во Балтичкото Море се наоѓа историско чудо – древна камена мегаструктура стара повеќе од 10.000 години, откриена од научници во германскиот залив Mecklenburg.

Оваа структура долга речиси километар, наречена Blinkerwall, му пркоси на природното објаснување.

Геофизичарот Jacob Geersen и неговиот тим од University of Kiel веруваат дека станува збор за вештачки ѕид, кој најверојатно помогнал во античките напори во лов.

Локацијата претставува една од најстарите документирани вештачки ловечки структури на Земјата, истакнуваат авторите на истражувањето објавено во списанието PNAS.

Подморска морфологија на регионот. Белите стрелки укажуваат на Blinkerwall.

Сé уште не е позната точната цел

Напредните технологии, вклучително и хидроакустична слика со висока резолуција, го откриле вистинскиот обем на структурата. Blinkerwall се состои од приближно 1.670 парчиња камен, уредно распоредени по дел од 971 метар. Овие камења, високи помалку од еден метар и широки помалку од 2 метри, имаат конзистентност што не е природна.

Намената на градбата се уште е предмет на шпекулации. Веројатно не била рибна брана или крајбрежна одбрана поради нејзините димензии и местоположба. Наместо тоа, германските научници сугерираат дека се користела за лов на големи копитари како што се ирваси или бизони.

Најубедливата функционална интерпретација за Blinkerwall е дека таа градба била изградена и користена како ловечка архитектура за да се избркаат стадата големи копитари, заклучуваат авторите на споменатата студија.

Подморска морфологија на регионот, собрана со помош на далечинско возило. Белите стрелки укажуваат на Blinkerwall.

Возбудливо откритие

Слични структури се пронајдени насекаде низ светот, а имаат слична ловечка функција. И покрај предизвиците за датирање, Blinkerwall се проценува дека е стар над 10.000 години и бил потопен во морето пред приближно 8.500 години.

Предложениот датум и функционалната интерпретација на Blinkerwall ја прават структурата возбудливо откритие, според авторите на студијата.

Нивното откритие нуди вреден увид во социо-економската сложеност на раните заедници на ловци-собирачи во регионот и придонесува за научното разбирање на античката човечка историја.

Извор: Science Alert