Музика на кирилица

Ексклузивно од Австралија: Групата „Маестро“ одржа маестрален настап за православната Нова година во Мелбурн (Фото)

Скопската музичка група „Маестро“, со спектакуларниот настап во Мелбурн ја одјави старата и ги воведе нашите иселеници во Новата година според Јулијанскиот календар. Не случајно овој оркестар моментално важи за нумеро уно на Балканот. Во него членуваат релативно млади уметници, високо образовани интелектуалци, следбеници на школата на големиот Милан Заков, а на публиката во Мелбурн и се представија со репертоар што комотно може да се нарече универзален, односно, со кој можат да настапуваат ширум светот.

Освен македонски песни тие исполнија песни и на српски, руски италијански и еврејски јазик и со тоа ја докажаа познатата максима дека музиката не познава граници, односно, дека ги спојува луѓето.
Фронтменот на групата Кирил Митоски кој со својот длабок глас комотно може да пее опера, на самиот почеток го представи оркестарот што освен него го сочинуваат: Илија Филиповски (виолина), Војче Петрушев (хармоника), Љупче Џорџиев (клавијатури, кавал и зурла), Трајче Ристов (бубњеви и тапан) и феноменалниот кларинетиста Алксандар Тренкоски.

Момците освен преку беспрекорните манири беа препознатливи и по елегантните одела, со кои не изгледаа униформирано туку повеќе сихронизирано.

На оваа забава во музичкиот репертоар доминантен беше коктелот со најпопуларни македонски рефрени, но секако тука беа вметнатни и српски песни кои никој не го остваат рамнодушно. Не изостанаа ни италијанските канцони и балади ама имаше и руски казачок. Кулминацијата се постигна кога се засвирија ората како македонски така и српски па добро ги препотија играорците во кои доминатни беа жените.
Може слободно да се рече дека овој дочек беше своевидна модна ревија, зошто очигледно за ова прилика посебно се подготвувале дамите. Како што искоментира познатиот бизнисмен Коста Аврамоски: “Овде вечерва се сами господа, Бундес лига во однос на некои други забави”.

Кога стрелките се поклопија, светлото се изгасна и започна одбројувањето кое кулминираше со бакнежите и честитките за Среќна 2024-та година. Во исто време со музичко крешчендо започна да ечи прославената врањанска песна “Отвори ми бело Ленче”…

И така до раните утрински часови, се свиреше и веселеше, се пееше, играше, јадеше и пиеше. „Маестро“ не потсети што е квалитетна музика и добра забава. Групата “Маестро” останува во Австралија и идниот месец. Пратете ги нивните објави преку друштвените мрежи и не пропуштајте ја единствената прилика сите вие кои сте во Австралија да ги видите и слушнете во живо зата што ќе ви останат во незаборавно сеќавање.

Подготви: Раде Берак/Свет Аустралија

Можеби ќе ве интересира: