Германската влада очекува економска стагнација и помала инфлација

Германската економија речиси ќе стагнира оваа година, а инфлацијата би требало значително да забави, покажаа во средата објавените пролетни проценки на владата во Берлин.

Економската активност годинава треба да порасне за 0,3 отсто, пресметало Министерството за економија, зголемувајќи ја проценката за 0,1 процентен поен.

„Во остатокот од годината очекуваме знаци на благо закрепнување на активноста и бавен излез на економијата од фазата на слабост“, изјави министерот за економија Роберт Хабек на презентацијата на пролетните прогнози во Берлин.

Владата претпоставува дека економијата ќе има полза од пониските стапки на инфлација, олабавувањето на монетарната политика, повисоките плати и подобрената странска побарувачка оваа година, се наведува во извештајот.

Инфлацијата ја намали куповната моќ на домаќинствата, но постепено закрепнување треба да донесат повисоките реални плати, во комбинација со вработеноста и да се „заживее“ личната потрошувачка, оценува Министерството.

Подобрувањето го сигнализираат и зголемените проценки на светската економија, забележуваат оттаму, „што веројатно ќе има полза за силно извозно ориентираната индустрија“.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF) кон средината на април маргинално ја зголеми прогнозата за растот на светската економија оваа година, од 3,1 на 3,2 отсто. Тие ја намалија проценката за овогодинешниот раст во Германија, од 0,5 на само 0,2 отсто.

Во 2025 година, германската влада очекува раст на активноста во најголемата европска економија за еден процент.

Според пресметките на Берлин, цените оваа година би требало да пораснат за 2,4 отсто, што е за 0,4 процентни поени пониско отколку што очекуваа минатата есен. Во 2023 година се зголемени за 5,9 отсто.

Во 2025 година стапката на инфлација треба да се спушти на 1,8 отсто.