СИРИЗА бара грчката Влада да реагира на прекршувања на Договорот од Преспа

818

Грчката Влада да реагира во случај на прекршување на Договорот од Преспа, со користење на средства како замрзнување на европската перспектива, бара опозициската СИРИЗА, која паралелно ја критикува дека во изминатите пет години не сторила ништо за да го заштити Договорот и да ја унапреди соработката со земјава. Од СИРИЗА ја повикуваат Владата „конечно да биде на ниво на задачата и да бара, како на билатерално така и на меѓународно ниво, верно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“.

-Не само што не ги ратификуваше трите меморандуми од 2019 година кои имаа јасни придобивки за земјата, туку не се одржа ниту еден Висок совет за соработка – и покрај предвиденото за еднаш годишно, а беше потпишан само еден меѓудржавен договор наместо да се договорат десетици нови, велат од СИРИЗА.

Грчкиот весник „Катимерини“, пак, во осврт за парламентарните и претседателските избори во Македонија и порачува на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ да не прави трикови вон Договорот од Преспа. Весникот коментира дека уште во недела на закажаната инаугурација на Гордана Силјановска Давкова за нов претседател, ќе се види во кој правец ќе се движат односите помеѓу Скопје и Атина со извесната промена на власта. „Катимерини“ додава дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се служи со популизам наменет за широките народни маси и земјата ја нарекува „нашата Македонија“.

– Не интересира во која држава ќе се заколне Силјановска: Северна Македонија како уставно запишана во договорот од Преспа или на непостоечка држава, „Република Македонија“. Во моментов Грција и Бугарија се во став на чекање и ги чекаат пораките на новата реалност во Скопје, а исто така и сојузничкиот фактор, односно Американците и Европејците, коментира „Катимерини“.

Весникот пишува и дека во првата реакција од кругови на грчкото МНР неофицијално потенцирале дека новото раководство во Скопје „има обврска строго да го почитува договорот од Преспа кој е меѓународен договор кој произведува обврски за соседната земја и е предуслов за развој на нејзиниот европски пат.