Веќе неколку дена се пишува за мегаскандалот во НБА-лигата што го приреди братот на Никола Јокиќ, Страхиња, кога во текот на плејоф- натпреварот меѓу Денвер и Лос Анџелес лејкерс му удри тупаница на еден навивач на трибините. Сето тоа ескалираше со приведување на Страхиња, кому, покрај затворска казна, му се заканува и парична, во износ од два до девет милиони долари.

Постариот брат на Никола веќе имал проблеми со законот во САД, кога завршил во затвор поради напад на девојка. „Денвер пост“ тогаш објавил дека тој бил во својот стан со жена и во еден момент, кога сакала таа да го напушти станот, грубо ја задржал и ја спречил да замине. Тогаш жената излегла на балконот барајќи помош, но тој ја грабнал и почнал да ја дави. Наводно ѝ рекол дека ќе ја дави додека не заспие. Потоа таа се обидела да повика полиција, но Јокиќ ѝ го одзел телефонот. Сепак, успеала, преку компјутер, да испрати порака на свој познајник, кој потоа ја известил полицијата, која го уапсила Страхиња Јокиќ.

Страхиња и Немања, постарите браќа на Никола Јокиќ, се добро познати во Америка и многу често присуствуваат на неговите натпревари.

Интересно, Немања Јокиќ порано играл кошарка, но бидејќи не можел да достигне големи височини таму, решил да почне да се занимава со ММА. „Најопасниот“ од тројцата сомборци го добил првиот меч во своја корист, со нокаутирање на својот ривал во првата рунда.