Серија „Адолесценција“: машкоста во криза?
5 април 2025Стерилен болнички кревет го чека Џејми Милер во собата за преглед во полициската станица. Од осомничениот треба да се земе примерок од крв. „Џејми, те молам, ќе седнеш ли?“ прашува медицинската сестра. „Хм, не сакам баш игли...“ пелтечи момчето.
Џејми има само 13 години. Татко му го брани: „Се плаши од игли“. Она што таткото на Џејми не го знае е дека неговиот син се плаши од игли, но не и од ножеви. Само неколку часа претходно, Џејми со седум убоди со нож ја избодел до смрт својата соученичка Кејти Леонард на блискиот паркинг.
Станува збор за сцена од првата епизода на британската мини-серија „Адолесценција“. Оваа серија на Нетфликс руши рекорди: во првите десет дена имаше 66 милиони прегледи. За тоа се расправаше дури и во британскиот парламент.
Дали во секое момче се крие Џејми?
Секоја од четирите епизоди е снимена во еден кадар. Без резови. Гледачот се чувствува како да е таму – во моментот кога Џејми ќе се измокри во пижамите при апсењето, кога плаче од страв во полицискиот притвор или беснее за време на психолошки преглед.
Гледачите во првата епизода дознаваат дека Џејми е виновен. Инспекторите му прикажуваат снимки од надзорните камери на кои се гледа како ја прободува Кејти со нож во грбот. Серијата не поставува прашање дали го направил тоа, туку зошто.
Одговорот лежи во внатрешните борби што беснеат во тој тинејџер. Помеѓу постојаниот социјален притисок да се „биде маж“, несигурноста поради тоа што мисли дека не е доволно привлечен и желбата да им се допадне на девојките, тој се повеќе се радикализира.
Секое момче денес би можело да биде Џејми - тоа е она што серијата сака да го разјасни. По училиште не одел на некои скриени места, ниту се дружел со сомнително друштво. Заминувал во својата соба, ја затворал вратата и седел на компјутер до доцна во ноќта. Така паднал во мрежата на таканаречените „инцел-идеологии“.
Омраза кон себе и жените
Инцел е кратенка од „неволниот целибат“ и опишува мизогинска онлајн заедница на млади хетеросексуални мажи кои ги обвинуваат жените за нивната апстиненција и ја изразуваат својата фрустрација, честопати омраза, во понижувачки видеа и коментари.
Инцел заедницата е дел од „маносферата“, лабава мрежа на антифеминистички онлајн форуми, книги, создавачи на содржини и блогови за совети за секојдневниот живот на мажите. Тие ги учат момчињата и мажите како да станат силни, успешни и физички подготвени, така што жените ќе ги сакаат. Но, разменуваат и фантазии за насилство, понижување и совети како да манипулираат со жените. Најистакнат претставник на оваа субкултура е самопрогласениот женомразец Ендрју Тејт, кој неодамна се најде во центарот на медиумското внимание поради неговото апсење.
„Адолесценција“ сугерира дека не само Џејми е запознаен со оваа субкултура, туку и денешната младина сама по себе. Ова станува јасно кога син на полициски истражител му објаснува на својот татко што значат различните емотикони на социјалните мрежи. А, на сликата е и Кејти, бидејќи таа самата го нарекува Џејми инцел.
Паника или реална опасност?
„Многу од она што се зборува во мејнстрим дискурсот за инцел заедницата е застрашување и ширење паника“, вели Шејн Сатерли, кој го истражува машкото насилство на Универзитетот Грифит. Според Сатерли, мизогинијата е само „површна“ интерпретација на овој феномен.
„Зад сето тоа стои изолација, недостаток на машки примери, губење на татко и апстиненција од секс“, објаснува Сатерли. Освен тоа, општеството постепено им одзема сè повеќе „машки простори“ на мажите, поради што тие сега бараат простори на Интернет за себе.
Сепак, Сатерли вели дека сексуално фрустрираните млади мажи не се опасност за другите, туку првенствено за самите себе. Според една студија на британската влада, инцелите навистина најчесто страдаат од депресија и самоубиствени мисли и им треба помош, а не стигма.
Стапките на машки самоубиства се зголемуваат ширум светот, што претставува зголемување од 37 отсто само во САД од 2000 година. „Маносферата не е опасна, туку токму спротивното“, вели Сатерли.
Лиза Сугиура, професорка по компјутерски криминал и полов криминал на Универзитетот во Портсмут, не се согласува со оваа перцепција. „Според податоците на Светската здравствена организација, секоја трета жена ќе биде сексуално злоставувана барем еднаш во животот. Тоа не се случува во некаков вакуум“, вели Сугиура.
Мажите во улога на жртви
На инцел форумите мажите дебатираат зошто силувањето е „етичко“. „Силувањето е едноставно право на секс, коешто им е ускратено на инцелите“, пишува еден корисник. „Не треба да барате далеку за да најдете ваква содржина“, вели Лиза Сугиура. „Не треба да одите на тајни страници на интернет за да ја пронајдете оваа содржина. Ја има насекаде, не само на инцел форумите, туку и на ТикТок и Инстаграм.
Во „маносферата“ е распространето мислењето дека мажите имаат право на секс, а жените тоа им го ускратуваат. Прашањето е дали овие мажи се за сожалување затоа што се сексуално фрустрирани. Дали мизогинијата е во ред ако е „само“ површен симптом на мажественост во криза?
Според истражувањето на Кралскиот колеџ во Лондон, секој четврти маж на возраст од 16 до 29 години сега верува дека е потешко да се биде маж отколку жена. „Маносферата се врти околу реториката на жртва и тврдењето дека мажите се всушност оние кои се злоупотребени од страна на жените во нашето општество и дека тие треба да се борат за да преживеат“, објаснува Сугиура.
Најголемиот проблем со улогата на жртва е што тој се користи за оправдување на омразата кон жените. Во „Адолесценција“, Кејти мораше да умре, бидејќи не му го даде на Џејми она што тој го посакуваше.
Мизогинијата е институционален проблем
„Инцел заедницата и маносферата се само еден дел од еден поголем мизогинистички комплекс“, објаснува Сугиура. Вистинските проблеми лежат подлабоко. Покрај разочарувањето на момчињата и нивните психички проблеми, постои и длабока недоверба меѓу половите. Неодамнешното истражување на британскиот тинк-тенк Центар за социјална правда покажа дека речиси две третини од жените на возраст меѓу 16 и 24 години се плашат од мажи.
Кое е решението? „Едноставната забрана на социјалните медиуми за младите луѓе, како што побара сценаристот на „Адолесценција“, Џек Торн (и која веќе е усвоена во закон во Австралија), не би била одржливо решение“, вели Сугиура. Потребни се сеопфатни институционални и културни промени.
„Џејми има само 13 години. Пред да зборуваме за инцел заедницата, треба да се осврнеме на општествените притисоци на хетеронормативниот пол и родовите очекувања за успех и популарност. Затоа што ако тие очекувања не беа наметнати на нашите деца на толку рана возраст, маносферата не ќе можеше да ги искористи", вели Сугиура.
Според авторите на серијата, „Адолесценција“ првенствено е наменета како повик за будење. Торн изјави за Би-Би-Си: „Треба да разговараме за ова и се надевам дека серијата може да помогне во тоа“.