Македонија
Маричиќ: Евроинтеграцијата е премногу важна цел за да се потклекне пред предизвиците
Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ ја пречека Вицепремиерката за европски прашања на Република Молдавија Кристина Герасимов. По остварената средба во Секретаријатот за европски прашања, Вицепремиерите одржаа заедничка прес конференција во Владата на Република Северна Македонија.
На прес конференцијата Вицепремиерот Маричиќ ја пренесе заедничката определба на двете држави што побргу да го завршат процесот за преговори за членство во ЕУ. Во продолжение интегралната изјава на Вицепремиерот Маричиќ.
„Откако на Самитот на ЕУ во Шпанија минатата година беше утврдена целта дека следното проширување на ЕУ е позиционирано до 2030 година, и откако Европскиот Совет донесе одлука да ги отвори пристапните преговори со Молдавија и Украина, Северна Македонија и Молдавија имаат заедничка цел. Со тоа стануваме и стратешки сојузници.
Република Молдавија сега го отпочнува скрининг процесот, додека ние го завршивме успешно во декември минатата година. Успешниот скрининг е резултат на ангажманот на речиси илјада владини претставници и експерти од академскиот и граѓанскиот сектор, за што добивме признанија од страна на Европската Комисија.
На колешката Герасимов ѝ пренесов дека Северна Македонија ќе им го стави на располагање сето знаење и искуство од овој процес на нашите колеги од пријателска Молдавија. Исто како што ние ја добивме поддршката од Хрватска и Словенија, Србија и Црна Гора.
Тоа е европската солидарност. Тоа е израз на пријателство и поддршка како европски вредности.
И двете држави сериозно претендираме на членство при следното проширување до 2030 година. Тоа проширување добива на значење и во забрзување заради геостратешките и безбедносните аспекти, Но, исто толку сме свесни дека за членство во ЕУ мора да ги исполниме и објективните критериуми и стандарди. Секоја земја одделно со своите специфики и перформанси е повикана да ги постигне тие стандарди, но споделувањето на искуствата на тој пат е од огромно значење и секогаш добредојдено.
Исто така, имаме сериозна намера и подготвени сме да ги извлечеме најдобрите придобивки од Планот за раст, кој треба да донесе дополнителна динамика во евроинтегративните процеси на земјите претенденти за членство во ЕУ.
Креиран, како финансиска и политичка инвестиција во регионот, Планот за раст со шесте милијарди евра за Западен Балкан е подадена рака за забрзување на процесот за членство до 2030 година. Тоа е брза лента на патот на евроинтеграцијата. Планот за раст бара реформи од државите и од владите, а придобивките се во системските промени кои ги обезбедуваме низ тие реформи, во финансиските пакети за земјава и во економската интеграција во единствениот европски пазар.
Мораме да останеме силно посветени на европската реформа агенда, зашто само на тој начин, токму преку Планот за раст ќе си обезбедиме слободно движење на стоки, услуги и работници, пристап до Единствената платежна област, олеснување на патниот транспорт, интеграција во индустриските синџири на снабдување, интеграција и де-карбонизација на енергетските пазари, како и во дигиталниот единствен пазар.
На овој пат до членството во ЕУ, сите земји кои се во преговори или се кандидати се соочуваат со предизвици кои бараат одговорни одлуки. Северна Македонија сега е пред таков предизвик. Ние нема да се откажеме од донесувањето на потребните одлуки за да ги продолжиме започнатите преговори.
Со колешката Герасимов се согласивме дека евроинтеграцијата е премногу важна цел за да се потклекне пред предизвиците. За двете земји членството во ЕУ е приоритет во остварувањето на врвните државни интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања
АМСМ информира дека на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Како што стои во соопштението, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Купови со отпад на паркингот кај гробиштата во Бутел
Повторно купови со отпад на паркингот кај гробиштата во Бутел.
Поранешниот директор на АД „Пошта“, Јани Макрадули на својот Фејсбук профил објави фотографија од состојбата на гробиштата. Како што вели, ова е тажна слика за еден град кој системски се уништува.
Македонија
Земјава нема развиен концепт за менаџирање со дијабетесот, вели Велев
Во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари и Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, денеска во Градскиот парк во Скопје под мотото „Сѐ за нас – за нас“, се одржа едукативен настан за подигнување на свесноста за тоа како живеат лицата со дијабет.
Претседателот на Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, Диме Велев, рече дека со реализацијата на проектот се укажува дека лицата со дијабетес се нормални луѓе кои што се дел од заедницата и се придонесува кон уривање на стереотипите кои постојат за лицата со дијабетес.
„Почнавме реализација на проект за подигнување на свеста за користење на новите во технологии во менаџирање со дијабетесот, пред сѐ „CGM“ системите или системи за континуирано мерење на гликоза, за новите технологии во делот на апарати со дигитална размена на податоци, како и за рушење на стереотипите за тоа дека лицата со дијабетес се нешто посебни, тие се многу нормални луѓе кои што се во заедницата“, рече Велев.
Посочи дека целта на целиот проект е да се убедат властите дека луѓето кои што користат „CGM“ системи се работноспособни и присутни во заедницата, како и да се освестат за потребите на луѓето дека имаат многу кратко време за навремена реакција. Вели земјава нема примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес.
„Сѐ уште имаме пречки, затоа што ние немаме доволно луѓе кои што се поставени на „CGM“ системи, во Македонија немаме примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес. Кога сето тоа ќе се воведе, ќе се изгради сета таа нова дијабетес култура, дека е многу нормално да се користи, дека е многу поквалитетно да се користи, тогаш нема да има потреба од нови правила за некое право на човек со дијабетес после пет минути да отиде настрана да касне нешто или да се освежи и да се врати на работа или на училиште“, рече Велев.
Преку интерактивен собир, денеска лицата со дијабетес ТИП 1, особено младата популација до 25 години, имаше можност да се потсети на основните постулати при секојдневното живеење со дијабетес.
На настанот беа поставени штандови со глукомери и ленти за мерење на нивото на шеќер во крвта, како и штандови со корпи и обучени лица на кои граѓаните имаа можност да видат колку јаглехидрати содржи секое овошје или зеленчук.