ЕУ можниот напад врз Кримскиот мост го гледа во рамките на „правото на самоодбрана“ на Украина

Европската унија го гледа евентуалниот ракетен украински удар врз Керченскиот мост кој го поврзува црноморскиот полуостров Крим со Русија во контекстот на правото на самоодбрана на Украина од руската агресија, изјави во понеделникот портпаролот на дипломатијата на ЕУ, Петер Стано.

„Ние вообичаено се воздржуваме од коментари за оперативните и прашањата од воената стратегија, но за нас е јасно дека Украина се бори за својот опстанок и оти Украина има и законско и меѓународно загарантирано право на самоодбрана“, изјави Стано на брифингот во Брисел одговорајќи на новинарско прашање за односот на ЕУ кон сѐ почесто искажаните планови на Киев за удар врз таканаречениот Кримски мост.

Минатата седмица амбасадорот на Украина во Обединетите нации, Серхиј Кислица на платформата Х недвосмислено потврди дека Киев подготвува скорешен напад врз Кримскиот мост. Неговата објава се надовраза на зачестените изјави на украинскиот претседател Володомир Зеленски и други негови функционери за напад врз Кримскиот полуостров кој е речиси секојдневно под ракетни и напади со беспилотни летала на украинската војска.

Керчкиот или Кримскиот мост се смета за клучна линија за снабдување на руските сили во Украина преку црноморскиот полуостров Крим кој по превратот во Киев во 2014 година со два референдума прво ја врати автономијата укината со прогласува на украинската независност во 1990 година, а потоа и враќање во Русија од чија територија со указ на тогашниот советски водач Никита Хрушчов (роден во Украина) во 1956 година е одземен и приклучен на тогашната Советска република Украина. Западот и Киев не ги признаваат референдумите и сметаат дека Крим е нелегално анектиран од Русија и покрај историските факти кои ги истакнува Москва.