Општина Центар ќе ги награди најдобрите наставници

110

Општина Центар ќе ги награди најдобрите наставници од одделенска и од предметна настава, стручни соработници и администрација за учебната 2023/2024 година. За таа цел веќе е распишан конкурс.

Награди и пофалници за најдобрите наставници и стручни соработници од општинските основни училишта што се на нејзина територија, Општина Центар доделува секоја година, во согласност со Програмата за образование за 2024 година.

Настанот традиционално се одбележува по повод Денот на словенските просветители – Св. Кирил и Методиј, а наставниците се наградуваат со паричен износ и со пофалници, како дополнителен мотив за натамошна работа во воспитно-образовниот процес.

Право на учество на конкурсот имаат: наставници/наставнички од одделенска и предметна настава и стручни соработници што се во редовен работен однос, со минимум три години работно искуство во струката. Предлозите за наставниците и стручните соработници може да ги даде Наставничкиот совет (вкупно тројца кандидати од секоја категорија од секое училиште). Исто така, на конкурсот може самоиницијативно да се пријават сите што ги исполнуваат предвидените критериуми. При пријавувањето на Конкурсот за кандидатите треба да се достави професионално досие и препорака од директорот на истото училиште. Право на учество на конкурсот имаат наставници и стручни соработници што не се наградувани во претходните пет години.

Изборот на најдобар одделенски, предметен наставник и стручен соработник го врши тричлена комисија формирана од градоначалникот.

Документацијата на кандидатите се доставува до Архивата на Општина Центаре, барака 6,  до 13.5.2024 година од 9 до 15 часот.