Националниот ден на Власите во Македонија: Приказна за Џика Сима

Денес, по повод националниот празник на Власите во Македонија, ќе се запознаеме со животот на Џика (Жика) Сима (1908-1974), успешен деловен човек и Влав од Македонија.

Познат по својата ведрина и остроумност, Џика Сима се етаблирал како истакната фигура во деловниот пејзаж на Скопје во текот на 1930-тите, како сопственик на продавницата за штофови „Симиќ“. Во 1948 година го основал претпријатието „Спорт“ (подоцна „Македонија спорт“), како и првото претставништво на „Југоекспорт“ во Македонија (1961). Влијателното присуство на Џика Сима надвор од бизнисот постоело во производството на првите фудбалски топки во Македонија преку неговото претпријатие „Спорт“, како истакнат член на одборот на ФК „Вардар“ од 1947 година и на почитуваниот „Планинарски сојуз на Македонија“.

Дополнително, тој ги демонстрирал своите повеќеслојни интереси како спортски судија, одличен фотограф и познат скопски боем.

Џика Сима (1908 Кочани – 1974 Скопје)
Џика Сима, 1930-тите

Семејството Сима, како и повеќето Власи од Балканот потекнуваат од Москополе во Албанија. Некогаш ова бил голем, просперитетен и развиен град со значаен број жители, трговија, занаетчиство и врски во далечните краеви. Во 1788 г. градот е уништен од Али Паша Јанински поради поддршката на населението за Пелопонеското востание.

Семејството Сима заминало и се населило во Крушево. Таму се родил таткото на Џика, Ѓорги, и брат му Андон (кој се оженил за сестра на Теохар Нешков, одговорен министер за финансии во Крушевската република). Ѓорѓи подоцна се преселил во Кочани, каде во османлиското време бил градоначалник.

Ѓорги Сима со ќерките Ефтерпи (лево, мажена Ќука), Родопи (средина, мажена Вангели) и Зуика (десно, мажена Маринов) и синот Џика Сима.

Скопје, 1920-ти

Во 1920-тите семејството Сима се преселило во Скопје, во Пајко Маало. Џика завршил средно училиште во „Скопската гимназија“ (1923), а потоа и „Државно трговско училиште“ во Скопје (1925).

Во 1930-тите Џика Сима и брат му Димитрие отвориле продавница за штофови и одела, наречена „Симиќ“.

Дуќанот „Симиќ„ во Скопје во 1930-тите години
Џика Сима, 1930-тите

Во 1944-та година во Скопје се оженил за Нада Корда, Чехинка по потекло и една од првите академски образовани сликарки во Македонија. Во 1950-та година му се раѓа ќерката Биљана Сима (Прља), а сопругата Нада починала на рана 39-годишна возраст во 1959 година.

По војната, во 1948-та, Џика Сима го основал „фискултурното производително-снабдително“ претпријатие „Спорт“ (подоцна преименувано во „Македонија спорт“). Во 1960-тите го основал и првото претставништво на белградскиот бренд со големо реноме во Југославија и пошироко, „Југоекспорт“ во Скопје.

Џика Сима, како сериозен директор и весел колега во претпријатиjaта „Спорт“ и „Југоекспорт“, 1950-ти и 1960-ти

Toj бил дел од администрацијата на денешниот ФК „Вардар“ од неговото основање во 1947 година, бил активен во зимските спортови и еден од основачите на „Планинарскиот Сојуз на Македонија“, бил спортски судија и фотограф, скопски боем и многу други нешта.

Негови блиски пријатели биле адвокатот Методија Бошковски и уметниците Јордан Грабулоски и сопругата Искра Грабул, како и многу други деловни луѓе и интелектуалци од Скопје и пошироко. Џика Сима е дедо на уметниците Нада Прља и Бранко Прља.

Џика Сима (централно) со планинарите од „Планинарскиот сојуз на Македонија“
Џика Сима (лево) со управата и фудбалерите на ФК „Вардар“

Умрел во Скопје во 1974 година на 66-годишна возраст.


АИ Stable Diffusion модел

Пред извесно време направивме модел со вештачка интелигенција со кој генериравме слики од Тоше Проески. Тоше е еден од долгата листа на Власи во нашата историја кои се залагале за Македонија и ја носеле во срцето каде и да оделе. Ја продолжуваме традицијата на претставување различни ликови од нашата историја и овој пат, по повод денот на Власите, направивме модел со ликот на Џика Сима со помош на вештачка интелигенција.

Во продолжение ви ги претставуваме генерираните слики со тренирање на АИ Stable Diffusion со слики од Џика Сима. Кој е заинтересиран, и сака да го збогати дигиталниот креативен идентитет на Македонија, може да го стори истото со друга личност преку овој линк.

Во процесот на тренирање е потребно да се обезбедат околу 30 слики во формат 512×512 pxls со различни позиции на лицето.

Дел од сликите со кои го трениравме моделот и резултатите подолу.

Потоа преку истиот модел може да се генерираат слики во различни стилови. Ние ги користевме стиловите како: American Kitsch, graffiti style, chiaroscuro, Contemporary art, cyberpunk, digital painting, Oil painting, pencil drawing, Fantasy illustration, fauvism, gouache, Heroic Realism Graphic Design, pop art, Victorian, watercolor и други.

Погледнете ги и другите наши галерии со слики добиени со тренирање на ликовите на Горан Стефановски и Петре М. Андреевски, како и линковите на Кома Лаб (Бане) со ликовите на Гоце ДелчевКочо Рацин и Блаже Конески.

За крај, не заборавајте да ги видите и оригиналните дела на Зоран Кардула кои ги објавува секоја година по повод на Денот на Власите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *