Николоски за Фокус: Убеден сум дека основна причина за случајот Онишченко се неспособноста и корупцијата на безбедносните служби

-Македонските безбедносни служби подолг временски период се причина за бројни политички кризи во Македонија, рушење на меѓународниот углед, причина се за немањето одговор кон странското мешање во Македонија пред се тука мислам на мешањето и провокациите од Бугарија преку отворањето на тн клубови, а се добра причина и за многу криминал и корупција кои се толерираат. Во еден збор се спротивно од тоа што им е опис и попис на работни задачи, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за порталот Фокус.

Случајот со македонско државјанство со лице барано со потерници и на црна листа многу кажува.

Да одиме со факти- за било кое лице да добие државјанство кое не е родено во Македонија мора да се направат безбедносни проверки, но и интервју со лицето, а за да се направи тоа тој мора да е физички присутен во државата. Онишченко вкупно во Македонија пред да добие државјанство, а тоа го добива на 31 мај 2022 година, бил само два дена во Македонија, во декември 2020 година и во април 2021 година, а државјанство добива мај следна година. Во периодот помеѓу не бил присутен што значи прекршен е законот кој вели мора да се направи безбедносна проверка, но исто така и разговор односно интервју.

И самата Влада кажа дека има пропусти заради неточни податоци и тоа е одговорност на МВР. Потписот е спротивен на неговото име кое е на О, а потписот е на А, веројатно свесен дека прави нешто на работ на законот и затоа покрај одговорност на директорот на АНБ одговорност мора да поднесе и министерот за внатрешни работи и премиерот.

Според мои сознанија кои се кредибилни има уште неколку други случаи на издавање на државјанство на сличен случај како Онишченко кои се исто така спорни за кои исто не е направена безбедносна проверка и само покажува силна ерозија во рамки на безбедносните служби. Се работи за 4 други пасоши дадени на лица со спорно или криминогено минато. Ова е надвор од скандалот за 215 пасоши за нарко босови.

За случајот со Онишченко треба да има одговорност на три нивоа. Тие три нова се кај директорот на АНБ, министерот за внатрешни работи и кај премиерот кои дозволија ваков скандал и ги нарушија безбедноста на Македонија и меѓународниот имиџ.

Првото ниво е на директор на Агенција за национална безбедност, кој што веднаш треба да си поднесе оставка и воопшто не треба да помислува да оди за амбасадор во Париз, затоа што еден ваков скандал, покрај неговиот личен имиџ, го руши и имиџот на Македонија.

Второто ниво на одговорност е министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски затоа што самата влада призна дека се погрешно дадени податоци и тоа е основ по кој ќе го одземаат државјанството на Онишченко, а токму министерството за внатрешни работи е задолжено за правилно земање на податоци за издавање на лични документи од типот на лична карта и пасош.

Постои сериозна одговорност кај министерот за внатрешни работи, а да не заборавиме дека тој е човекот кој стои позади аферата со познати 215 македонски пасоши за криминалци, а веројатно се многу повеќе. Гледаме дека со македонски пасоши се испоубија и по Истанбул, Киев и по останати европски метрополи бандитите од целиот регион. Гледаме дека светски мафии од типот на италијанската користат македонски пасоши да ги прикријат сопствените дејствувања, така што тоа е второто ниво на одговорност,

Третото ниво на одговорност е премиерот, затоа што ова е скандал кој кажува две работи, прво дека се руши имиџот на Македонија, второто дека безбедносните служби воопшто не функционираат.

Јас сум убеден дека основна причина зошто овој пропуст се случи е неспособноста и корупцијата. Безбедносните служби се полни со луѓе кои се неспособни луѓе кои се длабоко корумпирани. Наместо да се занимаваат со заштита на уставноправниот поредок на Македонија се занимаваат со криминал, со уценување на бизнисмени и со следење на опозицијата. Затоа ги донесоа безбедносните служби да бидат на потсмев но исто така и да ја загрозат безбедноста на Македонија.

Темелна реформа веднаш! За почеток да се испочитува законот и сите вработени во АНБ и АР да поминат на полиграф како услов да го задржат своето работно место.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.