Ковачевски го призна поразот: СДСМ доби тежок удар, повикувам на внатрешни избори на сите партиски тела

од Nikola Popovski

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва му ја честиташе победата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Исто така ѝ го честиташе и изборот на Гордана Силјановска-Давкова како нова претседателка на државата.

-Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар од сите. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати и посериозно и подлабоко мораме да го најдеме изворот за овој поразителен исход. Не сакам да посочувам виновници. сите имаме одговорност, како партиските функционери на локално и централно ниво. СДСМ ќе треба добро да погледне внатре и да размисли што направивме и кои се слабостите. Поради тоа, повикувам на нови внатрешни избори на сите партиски тела, почнувајќи од раководството на СДСМ до претседателите на општинските организации, кажа Ковачевски на прес-конференција во седиштето на „Бихаќка“.

Согласно статутот на партијата, ќе има отчетен конгрес на партијата на кој ќе се разгледаат резултатите на изборите и за работењето на партијата за период 2020-2024 година и ќе се одредат роковите за консолидирање на СДСМ преку избор на претседател, раководство на партијата, претседатели на општинските организации и сите други тела и органи.

Според Ковачевски, првиот чекор во консолидација на СДСМ ќе биде обновување на идеолошката и вредносна матрица која ќе ги собере сите сили на левиот центар.

Слични содржини