Закани за животната средина во американската и македонската дистописка проза

Во новата студија на Калина Малеска, писателка, преведувачка и професорка на Филолошкиот факултет во Скопје, Закани за животната средина во американската и македонската дистописка проза, се зборува за еколошките теми во овој под-жанр на научната фантастика.


Во светот постои загриженост за влијанијата на климатските промени и заканите за животната средина, а улогата на литературата во расветлувањето на овие прашања станува се поизразена. Студијата на Калина Малеска ги истражува еколошките аспекти во македонските дистописки дела на автори како Бранко Прља, Иван Шопов и Билјана Црвенковска, споредувајќи ги со американската литература, конкретно со романот на Ким Стенли Робинсон, „Четириесет знаци на дожд“. Анализата дава фасцинантна перспектива за тоа како различни општества пристапуваат кон еколошките предизвици и нуди увид во потенцијалните одговори.

Додека американските писатели сè повеќе ги вклучуваат климатските промени и еколошките прашања во нивната белетристика, македонската литература е релативно тивка на ова поле. Студијата на Калина Малеска, има за цел да укаже на тоа со навлегување во еколошките теми истражени во македонските дистописки дела.

Загадувањето во Скопје и македонската книжевност: опасни врски?

Проблемот со загадувањето во Скопје, главниот град на Северна Македонија, е причина за загриженост во последниве години. Скопје е прогласен за најзагаден главен град во Европа во 2018 година, а нивото на загаденост достигна алармантни височини. Во написот се наведуваат различни фактори кои придонесуваат за загадувањето, вклучувајќи ја географската положба на градот, застарените индустриски практики и широката употреба на дрво за греење, што често вклучува палење гуми и стар мебел.

Студијата го истакнува недостатокот на дискусија за загадувањето и прашањата за животната средина во македонската литература.

Истражување на еколошките теми во македонската дистописка проза: Прља, Шопов и Црвенковска

Како исклучок се истакнуваат делата „Апокалипса.мк“ (2017) на Бранко Прља, „Куќа над брановите“ (2020) на Билјана Црвенковска и „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018) на Иван Шопов како забележителни исклучоци кои допираат до еколошките проблеми, иако не како нивна централна тема.

Написот го истражува и дистопискиот роман на Бранко Прља „Апокалипса.мк“, кој прикажува тоталитарна држава соочена со сериозно загадување. Загадувањето е распространета тема во приказната, која ја одразува суровата реалност во Скопје, а наративот сугерира поврзаност помеѓу локалното загадување и глобалните еколошки опасности. Студијата открива како загадувањето станува составен дел од дистопискиот свет опишан во романот.

Романот, како и неговите две продолженија „Реплика.мк“ (2018) и „Воскресние.мк“ (2019) се достапни за слободно преземање тука.

Хрониките на Арслан Новинарски“ на Иван Шопов има сатиричен пристап кон еколошките прашања, прикажувајќи ги како апсурдни ситуации. Една од приказните на хумористичен начин сугерира дека граѓаните треба да се воздржуваат од дишење поради загадениот воздух, додека друга ја нагласува апсурдноста од несериозно решавање на загадувањето.

Куќа над брановите“ на Билјана Црвенковска ги истражува последиците од глобалното затоплување и претставува пост-апокалиптичен свет во кој животот на Земјата е уништен. Романот, иако е мрачен во прикажувањето на уништената планета, нуди поглед на надеж преку обновувањето на природата, што укажува на циклична перспектива за еколошките прашања.

Oваа студија покажува дека различни општества пристапуваат кон заканите за животната средина на различни начини, а тоа се гледа и во литературата.

Екологијата од перспектива на светската литература

Во земји како Македонија, каде што истражувањето за климатските промени е ограничено, литературата има тенденција да се фокусира повеќе на непосредните еколошки прашања како што е загадувањето. Американската литература, од друга страна, навлегува во поширокиот контекст на климатските промени и улогата на науката во изнаоѓањето решенија. Овие книжевни дела служат како одраз на грижите и одговорите на секое општество на еколошките предизвици, нагласувајќи ја итноста за решавање на овие прашања на глобално ниво.

Значењето на истражувањето на Калина Малеска како поттик за слични напори

Истражувањето на Калина Малеска дава вредни сознанија за светот на дистописката литература и нејзиниот капацитет да ги расветли актуелните еколошки грижи на нашето време. Она што е особено значајно е тоа дека се дава предност на помладата генерација писатели од Македонија и на еден жанр кој е сосема маргинализиран во домашните студии за литературата. За значењето на екологијата, не само од аспект на уметноста, туку како тема за која постојано треба да се зборува е неоспорно. За оние кое се заинтересирани да дознаат повеќе во продолжението на текстов пренесуваме неколку дополнителни материјали.

Дополнителни линкови

На нашиот портал маргинализираноста на научната фантастика од аспект на творештво и литературна критика е потенцирана во повеќе наврати, за повеќе информации прочитајте тука:

За еколошките прашања и нашата активност на тоа поле прочитајте тука:

Еко-активизам преку социјални медиуми

Значењето на активизмот, не само од страна на интелектуалците и еколозите, туку и од страна на граѓаните е огромно. Групите како „Дај, не фрлај“, „Кеса не, благодарам. Торба си носам!,“ и „Не фрлај, не загадувај!“, се залагаат за здружување на граѓаните и заедничко залагање за решение на еколошките проблеми надвор од институциите – приклучете се!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *