Издавачката куќа „Антолог“ во рамките на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“ ја објави книгата „Залудно бегство“ од Сигрун Паулсдотир. Тоа е модерна приказна за зачувувањето на културното богатство. Романот дава интригантен поглед на тоа како нештата го стекнуваат своето место во историјата и плете интересна приказна за човечките судбини врз кои почива таа историја. За овој роман, Паулсдотир ја добива престижната Награда за литература на Европската Унија за 2021 година. Преводот од исландски на македонски го направи Мери Кицовска.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во рамките на Креативна Европа на Европската Унија – потпрограма „Култура“.
Сигрун Паулсдотир (1967) е исландска писателка и историчарка. Со докторско звање се стекнала на Универзитетот во Оксфорд (2001). Подоцна и самата предава на факултет, а од 2009 до 2016 година го уредува списанието за исландска историја „Сага“. Од 2007 година е самостојна уметница писателка, освојувајќи го вниманието на читателите со историски биографии. Добитничка е на неколку награди и признанија, меѓу кои и наградата за најдобра биографска проза за 2013 година.
– „Создадено во Европа: моќта на различноста“ е проект што опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги што се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен. Европската литература е литература со исклучителни дела вредни за запознавање. Затоа, кога ќе се каже „оваа книга е создадена во Европа“, тоа нè прави сигурни дека во рацете држиме литература што ја носи непомирливата моќ на привлечноста и на различноста – велат од „Антолог“.