Македонските Олимпијци по математика принудени со донации да учествуваат на ИМО 2023

  • Пишува Стефан Симовски – Професор по германски јазик и книжевност

Македонските Олимпијци по математика се принудени, како знаат и умеат, сами или со донации да ги платат авионските карти  до Токио за учество на светската Олимпијада по математика, на која годинава во Чиба, Јапонија,  ќе учествуваат 110 земји.

На Сојузот на математичари на Македонија, кој има соодветна акредитација од МОН, очигледно единственото нешто што му преостана по молкот на институциите е да отвори донаторска сметка за да им овозможи на нашите Олимпијци да учествуваат на Интернационалната математичка олимпијада (ИМО).

Македонскиот тим кој ќе учествува годинава на Интернационалната математичка олимпијада 2023 го сочинуваат шестмина средношколци :  Дамјан Давков, Алексиј Тасиќ, Никола Спировски, Никола Цветаноски, Јан Стојановски и Бранко Јангеловски. Овие ученици и претходно имаат одлични постигања на државни и меѓународни натпревари по математика.

Учествата  на меѓународни ученички натпревари мора да бидат грижа на МОН

Учествата на меѓународни ученички натпревари мора да бидат грижа на Министерството за образование и наука затоа Што ова министерство е најзначајната институција во државата која мора да води грижа за образованието. Но, за жал, повеќе од две децении во самостојна Македонија МОН нема создадено фонд за финасирање активности од ваков вид дури ни на акредитираните здруженија на наставници.  Имено, како акредитирано здружение на наставници за да учествувате на меѓународен натпревар по одреден наставен предмет мора претходно да организирате државен натпревар, па потоа најуспешните ученици на натпреварот да ги пратите да ја претставуваат својата земја на меѓунароната Олимпијада.

Се сеќавам дека во една слична пригода пред повеќе од десет години Здружението на наставници по германски јазик во Република Македонија се соочи со проблем од ваков карактер каков што сега има Сојузот на математичари на Македонија. За иронијата да биде поголема, Интернационалната олимпијада по германски јазик се одржуваше во Полска (потребни им беа многу помалку пари отколку што на нашите математичари им се потребни за да стигнат до Токио), но тимот кој ја претставуваше Македонија не доби средства од државата, па учениците беа принудени исто така со донации да го финансираат учеството. Македонските германисти тогаш екипно се пласираа на четврто место, а една ученичка индивидуално освои сребрен медал.

Учесниците на меѓународни ученички натпревари маргинализирани од државата, иако успесите од меѓународен карактер ја афирмираат државата

Очевидци сме последниве години дека МОН не само што не ги финансира учествата на меѓународните натпревари на учениците, туку во најголем број случаи не ги вреднува постигањата на ученицитена ученичките натпревари, независно дали станува збор за државни или од меѓународен карактер. Министерството за образование и наука, особено последниве пет години, на наставниците им наметна професионална обврска да реализираат т.н. „додатна настава“ исклучиво со талентирани ученици. Оваа еднострано наметната обврска од страна на Министерството за образование и наука (која ревносно ја контролира Државниот просветен инспекторат) релативно брзо почна да дава резултати. Наставниците успешно ги препознаваат талентираните ученици и работат со нив доследно исполнувајќи ги своите професионални обврски. Учениците на своите ментори за нивниот несебичен ангажман (имено додатната настава не влегува во фондот на часови, а тоа значи дека за таквиот свој ангажман наставникот не добива никаков финансиски надомест)  почнаа да им се оддолжуваат со успешни учества на натпревари освојувајќи награди кои не само што го афирмираат ученикот, училиштето и менторот, туку и Македонија во меѓународни рамки. Впрочем, секој меѓународен успех наедно претставува афирмација и на државата!

Но, видливо е дека Министерството за образование и наука не е подготвено соодветно да ги вреднува постигањата на македонските ученици, иако Министерството за образование и наука е најзначајната државна институција чија примарна цел треба да биде поддршката на талентираните ученици и вреднувањето на нивните постигања, особено на оние од меѓународен карактер. Вреднувањето на постигањата на учениците Министерството за образование и наука го има како обврска, односно  уредено и со соодветна законска регулатива со која се пропишани соодветни парични премии за ученикот и наставникот.

Да се потсетиме на успехот на Македон, ученик од Тетово, постигнат на меѓународен натпревар по математика во конкуренција на учесници од 22 земји и на Лара Станчева во Токио во конкуренција на 161 земја.  И покрај тоа искуството на Македон и Лара и на нивните ментори со МОН е поинакво. Тие беа сведоци дека успехот, иако  не им бил залуден, сепак оваа надлежна институција нема добра волја да им го вреднува.

Изненадувачки освоеното трето место на Лара Станчева во 2021 година е најголемиот успех на Македонија постигнат на Меѓународниот литературен натпревар во Токио, Јапонија, во возрасна категорија деца (до 14 години) изминативе десет години. Овој реномиран натпревар е во организација на фондацијата ГОИ и  УНЕСКО и на него минатата година учествуваа 28 217 учесници од 161 земја!

Жално е тоа што од официјалното објавување на освоената награда (на 31 октомври 2021) од страна на организаторот, ни претходната министерка Мила Царовска, ни актуелниот министер Јетон Шаќири не се ни јавија да го честитаат успехот.

Дури и по доставеното навремено писмено барање до МОН за исплата на соодветна парична премија, независно од важечките законски процедури (кои не се приспособени за ваков вид натпревари, а особено кога тие организаторите се принудени да ги одржуваат во услови на пандемија), надлежните не покажаа ни добра волја да ни честитаат на Лара и мене како нејзин ментор, а се разбира ни да ни исплатат парична премија.

Очигледно е дека министрите се менуваат, но лошите практики во македонското образование и понатаму продолжуваат.

Клучот на успехот лежи во основање државен фонд за финансирање учество на меѓународни ученички натпревари!

Овие примери покажуваат дека насушна потреба е соодветен државен фонд за финансирање учество на ученици на меѓународни ученички натпревари. Процедурата за учество на Меѓународни ученички Олимпијади е позната. Секое акредитирано здружение на наставници кое организира државен натпревар има право и можност да учествува со тим ученици на меѓунартоден натпревар. Ова мораше да биде едно значајно барање на секој досегашен министер за образование до Владата, се разбира ако нема можност за основање државен фонд средства за ваква намена да му стојат на располагање на МОН. Идејата што ја имаат одредени пратеници за ребаланс на буџетот за да им се помогне на нашите Олимпијци по математика да учествуваат на Олимпијадата од 2 до 13 јули во Јапонија е само ад-хок решение. Тоа долгорочно не го решава проблемот.