Search

Мечкарите на карневалот во Прилеп ја носат приказната на нивните предци

Во Прилеп и годинава традиционално се одржа Прилепскиот карневал во кој главна улога имаат прилепската група „мечкари“. Нивните моќни маски направени од јагнешки и овчи кожи надградени со монистри и диви заби, ја носат моќната слика за светот на нивните предци.

Прочка за „мечкарите“ е голем ден, вели Тони Павлоски еден од групата 45 луѓе кои во две групи дефилираат низ градот во маски стари 200 години надградувани генерациски од година во година. За прв пат, славењето на мечкарите е заведено пред Втората светска војна, поточно во 1929 година кога прв пат се забележани во пишаните извори. Денес луѓето ги пречекуваат „мечкарите“ од поворката во куќите со ракија, храна и вино. На зборното место пред поворката секогаш доаѓаат и свирачите. Со стапови, ѕвонци и клопотрци започнува Прилепскиот карневал кој завршува во понеделник со посна софра и грав.

-Прочка за нас е еден голем ден. Посебно за „мечкарите“. Ние од оваа група сме касапска фамилија. Групата е некаде околу 45 луѓе. Значи се делиме на две групи, едната оди кон ридот, другата према Варош. На овој ден се проштеваме, кај сме згрешиле, кој ни згрешил. Утре, со посниот грав си ги чистиме гревовите што ги правиме преку цела година со одземање на животот на стоката. Безобразни сме но таков е денот. Безобразно се зборува, таква е традицијата, но тоа е меѓу нас самите во групата. Со публиката е подруго- вели мечакарот Тони Павлоски.

Во Прилеп „мечкарите“ се всушност касапите или месарите. Касапите биле неомилени меѓу двете светски војни затоа што се верувало дека тие се среќаваат со душите на животните кои ги убиле. Според тоа и убедувањето било дека тие биле контаминирани со тие души. Поради сето ова, оваа класа се повлекла во себе и го изградла обичајот кој и денес се слави на Прочка како нивни еснафски празник. Празникот традиционално се славел со една недела комплетен пост кога конзумирале само алкохол, биле повлечени во пештери и не палеле оган и се доведувале во едно ритуално расположение. После седум дена после тој пост биле опасни и по патот на луѓето што поминуваат им земале патарина, а ако сретнеле друга маскирана поворка се тепале до смрт.

Најкарактеристични за мечкарите денес се нивните тешки маски од крзно, кожа монистри и заби.

-Маскава е многу стара, некаде 200 години. Првиот запис што стои за маската е дека постои овој „сурат“. Од тогаш тој е истиот, само малку се надоградува. Целата маска во основата е овчи кожи и јагнешки кожи. Ликот има рогови од крупна стока, од ситна стока, кози, волови, диви заби, уствари заби од диви свињи, плеќи… Се што ќе најдеш, некое синџирче, некоја мониста, секоја година ќе си ставиш по нешто. Никогаш не е завршена маската – вели Тони додека со поворката заминува кон Варош. Ги чека долг ден за славење и проштевање.

Најново

Последни колумни