Отворен повик за наградата ДЕНЕС 2024

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), Residency Unlimited, Њујорк, Trust for Mutual Understanding, Њујорк сo задоволство го објавуваат Отворениот повик за наградата ДЕНЕС 2024 за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во Република Македонија до 35 години.

Наградата ДЕНЕС од 2023 година се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава од овој вид.


Оваа значајна и независна награда, која се доделува по осумнаесетти пат во земјава, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited, од минатата година во која го одбележа и своето 20 годишно постоење, вклучува и други новини и резиденции. ДЕНЕС исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Финалистите на наградата ќе ја отворат изложбата кон средината на ноември 2024 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Мала станица кога ќе биде соопштен и добитникот/чката на наградата ДЕНЕС, односно резиденцијален престој во Њујорк во периодот август-септември 2025 година.


Отворениот повик трае од 16 април до 31 мај, 2024 година, резултатите за тројцата финалисти ќе бидат објавени на 5 јуни, 2024 година.

Пријавувањето е на следниот линк: https://forms.gle/2gegiuMSBrETi6YLA


Апликацијата се пополнува на македонски и англиски јазик. Нецелосните апликации, како и апликациите кои ќе бидат испратени по крајниот рок нема да бидат прифатени или земени предвид.

Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Деновиве од печат излезе книгата „Гастон Гамлиел” на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи …