Вработените во сите 14 подружници на АД „Водостопанство“ денеска протестираа за неисплатени плати. Од синдикатот на ова државно претпријатие изјавија дека во изминатиот период имало над сто вработувања, и се имало пари за тоа, а, како што тврдат тие, имало пари да се купи и „луксузно возило теренски џип“, но нема средства за нивните плати.

Коста Малзарков, претседател на синдикалната организација на АД „Водостопанство“ кое има 517 вработени низ целата држава, побара Владата да им префрли средства за плати и трошоци за гориво, електрична енергија и резервни делови за да ги подготват и одржуваат каналите за наводнување и одводнување, цевководите за достава на сурова вода за да може да отпочне и да ја заврши сезоната 2024. Тој напомена дека во прашање ќе биде доведен земјоделскиот род и загрозена егзистенцијата на 30 илјади земјоделски семејства.

На 9 април побарале средба со техничкиот премиер, но 10 дена оттогаш немаат одговор од Владата ниту ја добиле мартовската плата. Соопшти дека доколку платата не им биде исплатена, во наредниот период планираат да го радикализираат протестот.

Синдикалецот истакна дека општинските корисници им должат 240 милиони денари (речиси 4 милиони евра), а менаџерскиот тим тоа го толерира. Посочи дека од собраните средства за минатата година до февруари 2024, требало да имаат плати до јуни 2024, но Управата за јавни приходи им ја блокирало сметката и им ги зела сите средства.

– Неплатените обврски кон УЈП се должи на фактурите кои од наша страна се доставени до комуналните претпријатија во Куманово, Струмица, Берово и Кавадарци кои не ги платиле своите обврски кон нас, а тоа се околу 240 милиони денари, од што само ДДВ се 45 милиони. Куманово должи 154 милиони, Струмица 62 милиони, Берово 12 милиони и Кавадарци 11 милиони. Од септември 2023 УЈП присилно ни има наплатено околу 90 милиони – по основ на ДДВ 75 милиони и за солидарен данок околу 15 милиони денари, а тоа е половина од сите средства што ги собираме во текот на една година – истакна Малзарков.

Претседателот на АГРО-синдикатот, Игор Китановски рече дека од индивидуалните водокорисници наплатата е редовна и е повеќе од 80 проценти што е одличен просек. Проблем е што општините не ги подмируваат трошоците кон „Водостопанство“ иако ја добиваат водата до пречистителните станици која им ја продаваат т.е. наплаќаат на граѓаните.

– Приходите од водни услуги за земјоделските површини што ги наводнуваат од 2016 се намалија за околу 22 отсто што се должи на се помала заинтересираност за работа во земјоделството, пренамена на земјоделското во градежно земјиште и поради застареност на системите – истакна Малзарков.

Поради ваквата состојба, АД „Водостопанство“ не ќе биде во можност да испорачува вода до земјоделските површини и цевководите за достава на сурова вода до комуналните претпријатија.

(С.Бл.)