Завчерашните настани на Блискиот Исток покажаа дека кога навремено се прават геостратегиски планови, тогаш факторот на изненадување секогаш е мал, а штетата е речиси незначителна. Предвидливоста отвора можност за навремен одговор на заканата, што за една земја како Македонија е повеќе од круцијално

Визионерството овозможува носење вистински одлуки (5)

Ова е петто продолжение во серијата текстови во кои загатнуваме неколку теми што се однесуваат на улогата на претседателот на државата, поточно како тој да стане вистински репрезент на државата и на граѓаните. Низ стручни анализи, консултации со експерти, професори, поранешни дипломати, ќе понудиме повеќе насоки како претседателот на државата може да ја афирмира претседателската функција на многу повисоко ниво од сегашната протоколарна улога што ја има, без оглед што Уставот му го дава правото да биде врховен командант на вооружените сили. Намерата на овој серијал текстови е да се најде модус со кој во иднина, се разбира во согласност со Уставот и законите, ќе му се обезбеди поголем пакет на ингеренции на првиот човек на државата, за да може и тој активно да учествува во креирањето на надворешната, внатрешната, економската, енергетската, образовната, здравствената и сите други политики важни за иднината на државата. Целта е претседателот во иднина да стане вистински репрезент како на државата така и на граѓаните, поточно да биде оној граѓански коректор на сите погрешни политики и креатор на нови решенија и идеи што ќе значат вистински напредок на државата. Со еден збор, лидер. (5)

Последните случувања на Блискиот Исток и ракетниот напад од страна на Иран врз Израел покажуваат дека светот наместо кон стабилност и просперитет, се движи по тенката линија меѓу конфликти со ограничен карактер и тотална војна, што повторно го отвора прашањето за способноста на раководните луѓе во секоја земја, вклучувајќи и во Македонија, навремено и успешно да ги предвидуваат и менаџираат состојбите од безбедносен аспект.
Во разговор со повеќе безбедносни експерти, професори и познавачи на безбедносните состојби, кои ги анкетиравме при неодамнешната анкета на „Нова Македонија“ за тоа каков претседател на државата сакаат, сите јасно го истакнаа фактот дека претседателот мора да биде добро упатен во геостратегиските состојби бидејќи тоа му овозможува во секој момент да го предвидува потенцијалниот развој на настаните и врз таа основа да ги носи одлуките што се во доменот на неговите ингеренции.
Повторно, како што истакнуваат соговорниците, сѐ се сведува на тоа претседателската фигура да располага со интелектуален капацитет, да биде визионер што ќе ја поставува геостратегиската доктрина секогаш да биде еден чекор пред преостанатите, за да не се случуваат непредвидливи работи, кои во нашиот случај излегоа на штета на државата.

Геостратегиските доктрини што им кумуваа на Договорот за пријателство со Бугарија и на Преспанската спогодба

Завчерашните настани на Блискиот Исток покажаа дека кога навремено се прават геостратегиски планови, тогаш факторот на изненадување секогаш е мал, а штетата е речиси незначителна. Визијата и во врска со тоа – предвидливоста, отвора можност за навремен одговор на заканата, што за една земја како Македонија е повеќе од круцијално.
– Претседателот на државата мора да биде добар познавач на геостратегиските состојби, не само во моментот туку да биде способен да го проектира потенцијалниот развој на настаните во иднина. Во таа насока, секогаш на маса мора да има неколку потенцијални сценарија во која насока би можеле да се движат работите, за да може и нашиот одговор да биде во согласност со нашите национални интереси. Добар пример за нас треба да бидат САД, кои се наш стратегиски партнер и од кои нашиот претседател може повремено да бара одредени геостратегиски процени поврзани со нашиот регион. Американците секогаш имаат добри процени многу порано пред нешто да се случи, така што нашето стратегиско партнерство може да го надградуваме и врз тој геостратегиски аспект – велат соговорниците.
Понатаму тие додаваат дека врз основа на правовремени геостратегиски процени можеа да се спречат и војната во 2001 година, Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, како и Преспанската спогодба, а притоа да ја постигнеме целта за влез во НАТО и без промена на името на државата.
– Геостратегиски анализи за конфликт на Балканот и во Македонија имаше уште од 1989 година, кога стана јасно дека поранешната федерација ќе се распаѓа. САД уште тогаш ги предвидоа потенцијалните сценарија за Македонија, кои, за жал, се случија по десетина години. Претседателот на државата мора да ги има предвид сите тие анализи, да ангажира геостратегиски експерти, кои јасно ќе посочат што ќе се случи ако го преземеме овој или оној чекор, еден вид систем на детекција. Од тие причини, исклучително е важно ингеренциите на претседателот да се зголемат, а не тој да се маргинализира целосно така што тој би се избирал во Собрание, како што во последно време заговараат политичарите од албанскиот политички кампус во земјава. Напротив, претседателот мора да има поголема моќ и да биде на рамноправна основа со извршната власт кога станува збор за геостратегиски прашања. Ако поради некои лоши геостратегиски процени не се случеше повлекувањето на УНПРЕДЕП од Македонија, тогаш прашање е дали од Косово слободно ќе се уфрлеа терористичките групи што ја започнаа војната во Македонија. Понатаму, ако се направеше добра геостратегиска процена пред приемот на Бугарија во Европската Унија, кога се бараше мислење околу добрососедските односи, тогаш можеше Македонија да побара од официјална Софија обврзувачка декларација депонирана во Брисел, но и во ОН, дека по никоја основа Бугарија подоцна нема да ги блокира македонските евроинтеграции и дека добрососедството е заклучена работа. Само во тој случај Договорот за добрососедство со Бугарија ќе беше вистински договор за добрососедство, бидејќи ќе беше ослободен од уценувачкиот елемент, кој официјална Софија сега го користи максимално – посочуваат соговорниците.
Според нивните анализи, Македонија ќе станела членка на НАТО дури и без да го променела името на државата ако ги следела геостратегиските показатели.
– Сите сигнали што ги имавме уште од 2013 година јасно укажуваа дека состојбата во Украина се движи кон ескалација, особено откако беа напуштени договорите од Минск и кога реториката од официјален Кремљ кон Киев стана поагресивна. Ако нашиот претседател имаше поголеми ингеренции, тогаш врз основа на ваквите геостратегиски предвидувања можеше да ја смири новата разгоропадена извршна власт, која воопшто не се осврнуваше на геостратегијата, туку еуфорично прифаќаше сѐ што ќе ѝ се понуди само земјата да влезе во НАТО и да ги отвори преговорите со ЕУ, без оглед на цената. Во 2018 година ја потпишавме Преспанската спогодба, го сменивме уставното име, а со тоа инициравме процес на идентитетски инженеринг. Влеговме во НАТО, не почнавме преговори со ЕУ и тоа беше исклучиво лоша процена, бидејќи не се следеа геостратегиските придвижувања. Во НАТО влеговме во 2020 година, а две години подоцна избувна војната во Украина. Во таква геостратегиска состојба, САД буквално ќе ја напикаа Македонија во НАТО уште следниот ден со привремената референца, без оглед на противењето на Грција. Видовме како влегоа Шведска и Финска, буквално прекуноќ, иако Турција се противеше. Од тие причини е важно претседателот да познава геостратегија, ако ништо друго, постојано околу себе да има добар геостратегиски тим, кој постојано ќе го брифира како стојат работите – посочуваат соговорниците.

Со добра геостратегиска процена Македонија ќе беше членка на заедничкиот европски пазар

Понатаму во разговорот со експертите, професорите и аналитичарите заеднички констатиравме дека претседателот мора да добие повеќе ингеренции за да може геостратегиските одлуки што ги носи врз основа на разни анализи и процени да ги наметнува кај извршната власт и заеднички да се доаѓа до решение што е во најдобар интерес за државата и за граѓаните.
– Се покажа дека Собранието не е никаков контролор на извршната власт, така што претседателот мора да добие улога на балансер на извршната власт. Ако неговите геостратегиски процени и анализи покажуваат на некои трендови што може да бидат позитивни за државата, тогаш и надворешната политика треба да се насочи во таква насока, така да се бараат сојузници, партнери и да се лобира, народски кажано, водата да тече кон нашата воденица. Можеби претседателот треба да формира еден геостратегиски совет што постојано ќе заседава, ќе подготвува анализи, предвидувања и слично. САД имаат еден куп такви тела, агенции, кои постојано го брифираат претседателот за актуелните состојби, но, што е уште поважно, во која насока би можеле да се движат работите. Затоа американската надворешна политика е убедливо најуспешна, бидејќи однапред знаат што ќе се случи некаде. Тоа се долгорочни геостратегии, не се од денес за утре, туку за пет, десет, 15 години нанапред. Од тие причини и нашиот претседател мора да има способност да предвидува врз основа на такви геостратегиски проекции – истакнуваат соговорниците.
Според нив, врз основа на носењето такви одлуки се гради вистински лидер, кој носи мудри и вистински одлуки во клучни моменти.
– Не може да се носат стратегиски одлуки врз основа на еуфорија и ветувања од типот „само уште ова направете го…“ Сега Македонија е притисната да ги прави уставните измени, но повторно треба да се фрли поглед врз геостратегиските планови во регионот и да се види дали сега, во овој момент, тоа е најдобрата одлука. Доволно е да се погледнат потезите што ги влечат одредени европски земји за да се напипа пулсот внатре во самата ЕУ, колку е таа единствена, компактна, да се анализира добро политиката на Европската политичка заедница, плановите за формирање европски одбранбени сили, внатрешните реформи и укинувањето на гласањето со консензус… Сето ова е дел од една поширока геостратегија за која македонскиот претседател мора да биде свесен и да направи добра процена заедно со владата пред да се впушти во нова авантура во непознатото. А токму импулсивното носење одлуки ја доведе земјава да се најде во подредена позиција кон соседите, па затоа клучно ќе биде идниот претседател многу повеќе да се посвети на геостратегиските процени и предвидувања, пред да предложи или потпише што било. Народот тоа го очекува од своето водство, мудро и визионерско носење одлуки – заклучуваат соговорниците.