На вчерашниот Apple настан, на кој секако главната улога ја има iPhone 15 серијата, беше претставена и наредната генерација од паметниот часовник од компанијата.

Apple Watch Series 9 беше претставен и како што се очекуваше врз основа на достапните неофицијални информации, нема нешто посебно многу новини кај оваа нова генерација. Истата е доволна за купување од страна на корисниците кои имаат постари модели, повеќе од една година, како и корисниците кои првпат би купиле ваков часовник.

Главната новина која доаѓа кај Apple Watch 9 е новиот чип, S9, кој е направен од страна на Apple. Овој чип треба да донесе доста големо подобрување на перформансите, а еден таков пример е можноста Siri да функционира директно од уредот, без потреба од поврзување со серверите.

Ова овозможува побрзо функционирање на Siri, а исто така овој асистент сега добива пристап до здравствените информации од корисникот, односно од Health апликацијата. Корисниците сега ќе можат да постават прашања како колку часа имаат поминато во спиење изминатата ноќ или до каде се со дневните физички активности и слично.

Поради тоа што овие барања се прават на самиот уред, ништо од овие информации не оди на серверите, односно продолжува заштитата на податоците и приватноста на корисниците.

Доста интересна новина, која не изгледа толку голема, но прави разлика е Double Tap функцијата. Корисниците можат да ги притиснат два пати брзо нивниот палец и показалец и со тоа да имаат одредена контрола на часовникот.

Притискањето на прстите еден од друг во основа го контролира главното копче во апликациите, па со тоа корисниците можат да ја паузираат музиката што ја слушаат и повторно да ја пуштат, да одговорат и спуштат на повик, да го исклучат алармот и слично.

Кога не е вклучена апликација Double Tap функцијата ги отвора новите виџети во WatchOS 10 и со секое наредно двојно притискање се прикажува наредниот и наредниот виџет.

Double Tap функционира благодарение на подобрениот чип, а со помош на акцелерометарот, жироскопот и оптичкиот сензор за срцето, заедно со нов алгоритам.

Watch Series 9 добива и посветол екран кој сега може да оди до 2000 nits, а исто така може да се намали до 1 nit во темни простории, па нема да го привлекува вниманието на луѓето околу и да им пречи.

Големо значење на целиот настан се даде на грижата за околината од страна на Apple, па презентирани без нови платнени ремчиња, а веќе нема да се продаваат кожните.

Претходна статијаИсториско злато за македонските информатичари на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Кутаиси, Грузија
Следна статијаССК: 19 години посветени на развој на македонскиот бизнис
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.