Три претставнички од областа на уметноста и културата од Европа и Латинска Америка го добија Гете – медалот за 2024 година. Носителки се историчарката на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска од Македонија, литературната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико и театарската работничка Кармен Ромеро Кверо од Чиле, како што соопшти денеска Гете институтот, објави „Дојче веле“.

Медалот Гете е едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странство.

Наградата ќе биде доделена во Вајмар на 28 август 2024 година, денот на раѓањето на поетот Јохан Волфганг фон Гете (1749-1832).

Во образложението на жирито за доделување на престижното признание на Искра Гешоска се вели дека таа создала важни платформи за независната културна сцена во Македонија. Таа е соосновач на Фестивалот за критична култура „Крик“ и на мрежата „Кооператива“, која ја поттикнува европската културна размена во поранешните југословенски држави.

Токму во време на различни кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Годинешните добитнички се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање на извонреден начин, без да се обесхрабрат од препреките“, истакна претседателката на Гете институтот, Карола Ленц во своето соопштение.

Гете институтот го доделува медалот еднаш годишно од 1995 година како официјално одликување на Сојузна Република Германија. Со Медалот Гете се одликуваат личности од целиот свет кои дале посебен придонес во наставата по германски јазик и меѓународната културна размена.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.