Откупната цена на јагнето во Македонија станува главна тема на негодување меѓу сточарите, кои се соочуваат со тешка борба за опстанок.
Тие тврдат дека цената од 240 денари за килограм жива мера не е економски оправдана и не ги покрива нивните трошоци.
Од друга страна, јагнешкото месо во месарниците и маркетите се продава и по 500 денари за килограм, што отвора дилема за тоа каде оди разликата во цената.
Откупот закочен, сточарите очајни
Мартин С., сточар од Прилепско, вели дека продажбата на јагниња оваа година е речиси невозможна.
„Нас ни велат дека побарувачката е мала, дека има вишок јагниња, дека цената на увозното јагне е пониска… А во исто време, на тезга во месарница јагнешкото оди за 500 денари по килограм. Ако нашите јагниња се откупуваат по 240 денари, а после тоа месото оди за двојно повеќе, прашањето е: кој го зема профитот?“, вели сточарот.
Тој додава дека трошоците за храна, ветеринарни услуги и одгледување се драстично зголемени, а нивните приходи остануваат мизерни.
„Ни велат – ако не ви одговара, не продавајте. А што да правиме со стоката? Да им ја оставиме на волците в планина?“, прашува тој.
Откупувачите и кланичарите со своја математика
Од друга страна, кланичарите и откупувачите тврдат дека нема простор за зголемување на откупната цена, бидејќи нивните трошоци за транспорт, обработка и дистрибуција се значителни.
„Мора да се има предвид дека процесот на колење, транспорт и чување на месото бара сериозни вложувања. Ние сме принудени да работиме со оваа цена за да останеме конкурентни“, вели претставник на една од големите кланици.
Но, сточарите не прифаќаат вакви објаснувања. Тие тврдат дека системот е наместен против нив и дека профитот завршува кај кланичарите и кај трговците.
Владата молчи, сточарите размислуваат за протест
Сточарите велат дека повеќе пати барале државата да се вклучи во решавањето на проблемот, но одговор нема.
Во меѓувреме, најавуваат дека ако состојбата не се промени, ќе излезат на протест и ќе ги блокираат патиштата.
„Ако државата не застане зад нас, македонското јагне ќе исчезне. Ќе останеме без сточари, а јагнешкото месо што ќе го јадеме ќе биде увозно, скапо и со сомнителен квалитет“, предупредува Мартин.
Во меѓувреме, пазарите и месарниците и понатаму ги диктираат своите цени, а сточарите се оставени да се борат со загубите.
Додека некој дебело заработува, тие се прашуваат: дали македонското сточарство ќе преживее или ќе стане само уште една приказна за пропаднат сектор?
Б.З.М.