Комерцијална банка склучи договор со групацијата „Јилдрим“ за продажба на имотот на комбинатот „Еуроникел“

Комерцијална банка склучи договор за продажба на имотот на комбинатот „Еуроникел индустри“ од Кавадарци со друштва основани од холандската холдинг компанија „Полиникел холдинг БВ“ (Polynickel Holding BV) која е дел од групацијта „Јилдрим груп“, информираат од банката. За финална реализација на купопродажниот договор останува уште да се исполнат сите правни и регулаторни предуслови.

Во истовреме, Банката со групацијата „Јилдрим“ склучила договор за продажба и на имотот на фабриката „Нова рефрактори“ во Пехчево.

 

„Убедени сме дека продажбата е долгорочно решение за комбинатот ‘Еуроникел’ имајќи го предвид кредибилитетот и капацитетот на ‘Јилдрим’ групацијата. Веруваме дека со ова е надминат неизвесниот период за сите доверители и, пред сѐ, за вработените во комбинатот, кои покажаа максимална посветеност и професионалност и покрај тешката состојба во која се најдоа не по нивна вина“,

 

се наведува во соопштението на Комерцијална банка.

Групацијата „Јилдрим“ е глобален индустриски конгломерат со седиште во Амстердам и во Истанбул. Основана е во 1963 година и моментално работи во 56 земји на пет континенти. Групацијата има вработено 25 000 лица во девет индустрии: метали и рударство, управување со пристаништа, вештачки ѓубрива и хемикалии, енергија и енергетски производи, транспорт и логистика, финансиски услуги, градежништво и недвижности и меѓународната трговија.

 

„Во целиот изминат период од декември 2023 година, кога Комерцијална банка го презеде имотот на комбинатот во своја сопственост, бевме посветени на наоѓањето сериозен инвеститор кој ќе ја продолжи дејноста на еден од најзначајните индустриски капацитети во земјата. Со цел да се одржи комбинатот во добра состојба за безбедно и ефикасно рестартирање на производниот процес, банката во изминатите четири месеци обезбеди речиси 100 милиони денари за одржување на технолошкиот минимум на комбинатот и за давање шанса за продолжување на работењето. Банката останува посветена и понатаму да придонесе со сите свои капацитети за фер наплата на доверителите и вработените во рамките на стечајната постапка. Прв услов за тоа е сите должници на ‘Еуроникел’ веднаш да ги платат своите обврски“,се додава во соопштението на Комерцијална банка.

 

Back to top button
Close