Ништо од договорот за мир во Газа: Хамас го одби предлогот, Израел одреди датум на нападот на Рафа

by Fokus

Палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека предлогот на Израел, поднесен со посредство на Катар и Египет, не исполнува ниту едно од барањата на палестинската страна. Во соопштението, групата додава дека ќе го проучи предлогот и ќе одговори на посредниците.

Претставник на Хамас вчера изјави за Ројтерс дека тие го отфрлаат израелскиот предлог за прекин на огнот претставен на разговорите во Каиро. Истиот ден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека е одреден датумот на офанзивата на Рафа, град на самиот југ на Појасот Газа, каде што побегнаа мнозинството палестински бегалци од другите делови на енклавата.

Израел и Хамас вчера ги испратија своите преговарачки тимови во Каиро, а во разговорите учествуваат катарски и египетски посредници, како и директорот на ЦИА, Вилијам Барнс.

Присуството на Барнс е показател за зголемениот притисок од САД, најголемиот сојузник на Израел, да се постигне договор со кој ќе се ослободат израелските заложници држени во Газа и ќе се обезбеди хуманитарна помош за Палестинците по шест месеци конфликт.

Официјалниот претставник на Хамас, Али Барака изјави за Ројтерс дека политбирото се состанало денеска и одлучило да го отфрли израелскиот предлог. Друг функционер на милитантната група рече дека не е постигнат напредок во преговорите.

„Нема промена во ставот во врска со окупацијата, затоа нема ништо ново во разговорите во Каиро“, изјави претставник на Хамас кој сакаше да остане анонимен. Хамас сака каков било план да вклучи прекин на израелската воена офанзива, повлекување на израелската армија од Газа и дозволување на бегалците да се вратат во своите домови низ целата енклава.

Поврзани новости