Breaking News

ЕУ изрази загриженост поради ирачкиот Закон кој предвидува затворски казни за истополови односи 


Европската Унија изрази загриженост поради усвојувањето на измените на ирачкиот Закон со кој се предвидува затворска казна во траење од 10 до 15 години за лицата кои се впуштаат во консензуални истополови односи.


 Во реакцијата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) се посочува дека со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, што Ирак го ратификуваше уште во 1971 година, предвидува дека со законите ќе се забранува каква било дискриминација и ќе се гарантираат еднаква и ефикасна заштита за сите лица од дискриминација по која било основа.


 – ЕУ ги повикува ирачките законодавци да ги почитуваат меѓународните обврски на Ирак за човекови права и ефикасно да го имплементираат членот 14 од ирачкиот Устав, кој забранува дискриминација врз основа на потекло, религија, припадност на малцинска заедница и од други причини, се наведува во реакцијата.

 ЕЕАС посочува и дека ЕУ ќе продолжи да презема активности на глобално ниво за да ги спречи и осуди сите форми на дискриминација, залагајќи се за почитување на принципите на различност, еднаквост и инклузивност како „основни принципи на праведните општества“.


 Со новините во ирачкиот Закон против проституција од 1988 година, се предвидуваат затворски казни од 10 до 15 години за одржување хомосексуални односи, но и за размена на сексуални партнери во хетеросексуалните врски (свингинг).

Казни се предвидени и за секој маж „чие однесување се смета за женствено“, како и седум години затвор за „промовирање на хомосексуални односи“.


 Законот забранува „секоја организација која промовира хомосексуалност во Ирак“, како и „промена на биолошкиот пол врз основа на индивидуални желби или преференции“ и предвидува казна затвор од една до три години за секое лице или лекар што е вклучен во родова трансформација.

 Инаку, овие законски измени се сметаат за „поблаги“, имајќи пред вид дека во првичниот предлог за хомосексуални односи се предвидуваше смртна казна.


 На усвојувањето на измените на Законот уште вчера реагираше организацијата Амнести интернешанл, која го оцени како „кршење на основните човекови права“ со што „се загрозуваат Ирачаните, кои и онака секојдневно се малтретирани“.

 Во Извештајот за состојбата со човековите права во Ирак за 2022 година на меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч се посочува дека ирачкото општество „ја отфрла хомосексуалноста“, како и дека припадниците на ЛГБТ+ заедницата често се цел на „киднапирања, силувања, тортура и убиства“ од страна на вооружени групи кои остануваат неказнети за ваквите злосторства.

сп/Фото: МИА Архива .

Извор: МИА