Васко Шутаров

Во едни далеку поскромни детства од денешниве, светот не ни се нудеше на дланка и до него не секогаш стигнувавме лесно! Но, тој свет ни се отвораше непогрешливо точно, кога доаѓаше вистинско време за тоа!

И во тие, далеку поскромни времиња од денешниве, ниту дома, ниту на училиште, не слушнавме дека во стекнувањата животни знаења и определби, треба да се одредуваме „за запад или за исток, за север или за југ!“! Нас подеднакво и дома и на училиште, нè учеа само на емпатија и солидарност со цел свет, што тогаш го мечтаевме со ширум отворени очи!

И со отворени очи сонувавме за освојувања и на Истокот и на Западот, патувајќи со Марко Поло, со Колумбо и со Магелан, со чиста и со ништо неоптоварена детска мечта!

И денес со отворени очи можам да го доловам ликот и гласот на мојата стамена и лична учителка, секогаш облечена во добро скроен дводелен костум, како нè поттикнува да знаеме повеќе од она што го бараше задолжителното градиво: „Читајте весници, гледајте вести, никогаш не заспивајте без новопрочитана страница од книга!“

Ништо позначајно и ништо поубаво, кога на деца од најрана возраст им се всадува љубов и за дополнителни знаења за мајчиниот јазик и за историјата и за културата на својот народ, но и за здравата храна и здравиот начин на живот, а патем и широко им се отвораат хоризонти, од далечниот Исток, до далечниот Запад, фино скокоткајќи ја дечјата фантазија и за јапонското обожување на расцветано црешово гранче, за уништувањето на славните цивилизации на Маите и Инките или за моќните жени во политиката, како на пример за Индира Ганди, на која мојата учителка, вистински ù се воодушевуваше!

И така осознаваме од многу мали, за бесценети животни поуки! Најпрво, колку важна може да биде животната лекција, кога жена со воодушевување говори за друга жена! И денес пред очи ја гледам, со каков вознес ни ја опишува убавината на индиската жена олицетворена во Индира Ганди, жената со препознатливиот седефен прамен во косата и длабоко замислените топли очи, како се внесува во опишувањето на традиционалното индиско сари, како говори за храброста на една жена да им се спротивстави на моќните мажи кои сакаат поделби во државата, но најмногу за мудроста на жената политичар, цврсто решена да стави крај на постојаните години на глад и сиромаштија, во втората по бројност нација во светот!

Денес Индија е уште помоќна држава од времето на Индира Ганди и претставува исклучително важен глобален фактор на меѓународната политичка сцена, но се прашувам на колкумина третоодделенци нешто ќе им значи името на актуелниот индиски премиер Нарендра Моди?! Или, да бидеме пореални – на колкумина студенти од третите години на студиите од политички науки во државата, јасна им е улогата, која благодарејќи посебно на Индира Ганди, Индија ја има во светов, денес?!

(Не беше така неодамна, кога слушнав, дека ќе се реконструира дел од улицата „Инди Раганди“ во Шуто Оризари, во Скопје!)

Она што посебно заслужува благодарност кон оние далечни и поскромни времиња од денешниве, тоа е длабоко стекнатата потреба од нови знаења, потреба не само од постојани нови откривања, туку и критички преоткривања на веќе стекнатите знаења! Денес, стануваме и повеќе свесни за тоа, со каков благодат сме биле дарувани,  кога сме биле воспитувани и образовани не само да бидеме „навртки и завртки“ за потребите на еден глобален пазарен механизам и за привилегијата толку години потоа, да се негува критички ум кон сè она што е препорачливо секојдневно да се голта како неприкосновена вистина, од која било страна на светот и да доаѓала!

Така и вистината за обожуваната жена политичар од моето детство, за која уште во трето одделение пишувавме осмомартовски домашни задачи, низ годиниве станува сè повеќе критичка, повеќеслојна и никогаш до крај исцрпена вистина! Денес, после толку многу сознанија за Индира Ганди, можеби најдолго одѕвонува вистината за неа, напишана од славната италијанска новинарка Оријана Фалачи: „ Ѝ се восхитувам, но не ù завидувам и не би сакала да бидам во нејзината кожа!“

Да бидеш полни 15 години премиер и да владееш со земја со толку длабока историја и традиција, земја со огромно мноштво од различни култури, религии, етнички групи, јазици и идеологии, често и длабоко поделени меѓу себе, уште и да успееш сето тоа непомирливо мноштво да го обединиш и да го модернизираш, тоа е епско дело, за повеќе од еден обичен човечки живот!

„Би била подготвена и да умрам служејќи ѝ на својата земја. Ако умрев во служба на нацијата, ќе се гордеев со тоа! И секоја капка од мојата крв, сигурна сум во тоа, ќе придонесеше за растот на оваа земја!“ – така зборуваше на едно од своите последни патувања низ Индија, Индира Ганди!

Жените понекогаш одат многу далеку! Но, другите слушаат само кога одите предалеку!

Списанието „Тајм“ ја вклучи Индира Ганди во 100-те најмоќни жени што го одбележаа 20 век, а во онлајн-анкета организирана од Би-Би-Си во 1999 година, беше прогласена за „жена на милениумот“. Колку далеку отиде од сите, па успеа во својата татковина да биде глас што се слуша и што обединува, а секаде во светот, глас што се слуша и почитува, во епохата што денес историјата ја именува со нејзиното име!

Како ќерка на Џавахарлал Нехру, првиот премиер на независна Индија, уште како девојче се вклучила во борбата за индиска независност од британската колонијална власт, создавајќи моќна и бројна организација од 60.000  девојчиња и момчиња, наречена „Бригада на Мајмуните“! Организацијата била најсигурна мрежа за пренесување пораки помеѓу борците за независност-децата во нивните школски чанти ги пренесувале скиците за сите големи мирни протестни акции, водени од Махатма Ганди и Џавахарлал Нехру.

Грижејќи се од мала и за својата болна мајка, во потрага по лек за неа патувала низ Европа, најнапред во Швајцарија, а потоа и во Англија, каде запишува студии во Оксфорд. Во Лондон и се вљубува во младиот новинар Фероз Ганди, со кого ја врзува и страстната борба за независност на Индија. За време на Втората светска војна поради британските обвинувања за антидржавна активност и двајцата поминуваат 13 месеци во затвор!

Со сопругот поминуваат и бурни 18 години во брак, во кој ги добиваат синовите Раџив и Санџај. Храброто влетување во брак, против кого биле сите (бидејќи тој бил припадник на заратустризмот, а таа, во духот на хинду-традицијата не била ветена за него), завршил многу порано пред формалниот развод, поради постојаните неверства од сопругот. Тогаш Индира, во една прилика, ќе се довери: „Сега можам да продолжам да бидам верна сопруга, но само на Индија!

Осум години стекнувала политичко искуство во кабинетот на татка си, а кога тој се наоѓал пред тешки политички одлуки, барал совети само од неа. Тоа била сосем доволна причина доминантните мажи од Конгресната партија, на која ù таа припаѓала, малициозно да почнат да ја нарекуваат „немата кукла од кабинетот на премиерот!“.

Во 1960 година умира нејзиниот поранешен сопруг, а четири години подоцна го губи и татка си! („Татко ми беше државник, јас сум жена-политичар! Татко ми беше светец. Јас не сум!“) Во истата таа 1964 година, Индира Ганди станала министерка за информации и владин портпарол. Во јануари 1966 година станува премиер на Индија и со мал прекин, од 1977 до 1980, останува на таа функција до атентатот, во 1984 година!

Зошто Индира беше светилник и икона, за гладните и обесправените ширум светот, во втората половина од минатиот век?

Најнапред, заради непоколебливата решеност да ја започне и спроведе до крај т.н. „зелена револуција“ (1967-1978), преку која успева да ја трансформира сиромашната Индија, од земја на постојана глад, во земја која може да ги покрие сопствените потреби за храна и уште, да извезува храна! „Светот бара резултати! Не кажувајте им на другите за вашите породилни болки. Покажете му го на светот вашето дете!“ – ќе каже Индира, по спроведувањето на оваа комплексна, но комплетно успешна политичка и социјална акција.

Индира Ганди ја нарекуваа и „Железната лејди“, затоа што беше бескомпромисен борец за укинување на традиционалните кастински привилегии на махараџите, борец против секој обид за поделби и отцепувања на делови од Индија, борец за национализација на сите големи банки, но и големите нафтени компании со странски капитал! Индира имаше и свои „железни мани“, па и денес се спомнува авторитарното гушење на протестите на опозицијата и воведувањето вонредна состојба (токму во време на извојуваната воена победа против Пакистан!), а посебно се спомнува контроверзната кампања за стерилизирање на преку 7 милиони мажи, во години на борба против демографската експлозија и неконтролираното зголемување на бројноста на индиското население!

На меѓународен план, Индира Ганди беше синоним за бескомпромисен борец за заштита на индискиот интегритет и суверенитет. „Не постои сила која може да ми влијае или да ме скрши, кога треба да го бранам националниот интерес на Индија. Тоа кај мене не поминува!“, ќе изјави по посетата на САД во 1971 година,. Од таа историска средба во Вашингтон, набргу ќе протече  во јавноста разговор што го водат американскиот претседател Никсон и Хенри Кисинџер: „Оваа мала лисица нè излажа, каква лукава вештица од жена!“

Кога во 1980 година повторно триумфално се враќа на власт, доживува уште една огромна лична загуба! Во необјаснета до крај авионска несреќа, го губи постариот син, кого долги години го подготвува за свој наследник во политиката. „И кога хоризонтот е најцрн, божествена инспирација ќе ти го покаже патот, каде и како да се оди понатаму“, ќе изјави непосредно по загубата на синот!

Последната животна битка за зачувување на интегритетот на Индија, Индира Ганди ја плаќа со сопствениот живот! Милитантно крило на Сиките кои бараат отцепување од Индија, се крие во „Златниот храм“ во Пенџаб, а Индира Ганди праќа војска да го задуши бунтот! Во храмот е пронајден цел арсенал од оружје, како од американско, така и од кинеско производство! Индира Ганди станува потполно свесна дека совладувајќи ги Сиките, посредно војува и со двете моќни светски сили!

Само неколку месеци подоцна, подготвувајќи се за интервју со славниот Питер Јустинов, одлучува во последен момент да го соблече заштитниот панцир што го носела (женското око во огледалото забележало, дека со панцирот телото изгледа премногу заоблено!) Двајца Сики, кои и покрај предупредувањата ги оставила во својата лична гарда, од градината на резиденцијата, испукале во неа 40 куршуми, од кои 23 завршиле во нејзиното тело!

Силно претчувствувала дека може да се случи тоа: „Ако умрам со насилна смрт, како што некои стравуваат, а неколкумина заговараат, знам дека насилството ќе биде во мислите и постапките на убијците, а не во моето умирање“.

……………………………………………………………………………

По трагите на сеќавањата од едни дамнешни времиња, кога далеку поскромно, но многу почовечно и поискрено го славевме 8 Март, не можев а да не се сетам на славната политичарка Индира Ганди, која велеше: „Сите мои игри беа политички, а јас, како и Јованка Орлеанка, постојано бев запалена на клада!“

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.