Фото: Пиксабеј

Првите две години од животот на детето се сметаат најважни за развојот на мозокот. Денес децата речиси од раѓање се изложени на екрани, кои го стимулираат нивниот мозок, но не го развиваат. Иако технологијата може да биде корисна за детето кога станува збор за првите години од животот, препораките на експертите за деца се јасни – во тој период детето не треба да биде изложено на екрани.

Децата заостануваат во развојот на комуникацијата

Истражувањата покажуваат поврзаност помеѓу изложеноста на децата на содржини претставени на екраните и развојот на говорот и на јазикот кај малите деца. Колку повеќе време децата поминуваат гледајќи телевизија или играјќи на таблет или мобилен телефон, толку е побавен напредокот во развојот на говорот и јазикот. Детето го учи јазикот преку интеракција со возрасните за време на разговор или игра. За разлика од еднонасочното вклучување во екраните, разговорот со возрасните, кој вклучува изрази на лицето и емоции, е многу покорисен за развојот на јазикот на детето.
Недостигот од реципроцитет во размената на информации, недостигот од внимание и отсуството на симболична игра на возраст од три до четири години често се знаци што укажуваат на можни аутистични нарушувања.
Екраните се фасцинантни за децата, им овозможуваат аудиовизуелна стимулација. Сепак, важно е да се нагласи дека во тие моменти недостига човечка интеракција, што е клучно за развојот на емпатијата, социјалните вештини и многу други аспекти.

Читање сликовници

Сликовницата е првата книга што детето ја запознава, а можеби и најважната за неговиот развој. Кога детето ќе ја открие магијата на сликовницата, тоа всушност влегува во фасцинантниот свет на пишаниот збор. Читањето сликовници на децата од најрана возраст не само што обезбедува забава туку ги поттикнува и нивниот целокупен раст и развој.
Преку приказни и илустрации децата учат нови зборови, го прошируваат својот вокабулар и го развиваат својот говор. Сликовниците се како мост што ја поврзува имагинацијата на детето со реалниот свет, овозможувајќи му да истражува нови концепти, ситуации и односи на начин соодветен на возраста.
Со читање сликовници, децата ја развиваат меморијата, учат логички односи и се навикнуваат да користат книги уште од мали нозе. Сликовниците не само што даваат задоволство од читањето туку ги поттикнуваат и љубопитноста и желбата за учење кај децата. Сликовницата треба да биде незаменлив дел од секојдневниот живот на детето.