Проверувајте ги фискалните, еден производ може да ви го наплатат неколку пати

Внимавајте кога плаќате на каса во маркет колкава ви е сметката и редовно проверувајте ги фискалните, бидејќи често се случува да ви биде наплатено повеќе или некој производ да ви биде отчукан неколку пати. Освен честата практика во маркетите - една цена на полица, друга на каса, граѓаните во последно време се жалат дека често им се случува некој производ да им биде наплатен два или повеќе пати. Потрошувачите не знаат дали ова е намерно или не, но откако ќе реагираат, велат дека добиваат  извинување или што би се рекло “ако помине – помине”!

6870

Внимавајте кога плаќате на каса во маркет колкава ви е сметката и редовно проверувајте ги фискалните, бидејќи често се случува да ви биде наплатено повеќе или некој производ да ви биде отчукан неколку пати. Освен честата практика во маркетите – една цена на полица, друга на каса, граѓаните во последно време се жалат дека често им се случува некој производ да им биде наплатен два или повеќе пати. Потрошувачите не знаат дали ова е намерно или не, но откако ќе реагираат, велат дека продавачките им се извинуваат и им враќаат пари. Ретки се случаите кога не сакаат да го вратат производот или да вратат пари, но во тој случај го бараат шефот и тој го решава проблемот.

Една потрошувачка на која за неколку дена ѝ се случило неколку пати на фискалната да ѝ бидат наплатени повеќе производи отколку што имала купено, вели дека мора да се проверуваат фискалните, бидејќи поради гужвите во  маркетите, касиерките многу често грешат и еден производ го отчукуваат неколку пати.

-На фискалната забележав дека наместо една кесичка од 550 грама урда ми беа наплатени 1.550 грама. Во два дена ми се случи три пати да ми наплатат повисока сметка од тоа што требаше. Вториот пат купив еден пилешки стек и кога излегов забележав дека сметката ми е многу повисока од очекуваното. Кога  видов на сметката беа отчукани три кеси пилешки стек. Инаку, една кеса пилешки стек од еден килограм чини 400 денари. Третпат наместо една кутија ленти за депилација која чини 110 денари ми беа отчукани 10 кутии, што е околу 1.000 денари повеќе, вели нашата соговорничка.

Друга потрошувачка, пак, се пожали дека наместо еден крем за лице од невен ѝ биле отчукани две. Кога и се обратила на касиерката, таа ја прашала дали ќе си земе уште еден крем или да ѝ вратат пари.

Потрошувачите велат дека за вакви и слични ситуации обично наоѓаат на разбирање од касиерките, но не знаат дали тоа го прават намерно или случајно. Велат дека доколку не реагираат, парите нема да им бидат вратени и ќе останат во касата на маркетот или во џебот на касиерките. Досега, како што велат, не дошле до ситуација да треба да се жалат до Организација на потрошувачи на Македонија и до Државниот пазарен инспекторат.

-Веќе си ги знаеме нашите потрошувачки права и доколку не сакаат да ни вратат пари ако ни наплатиле повеќе или не сакаат да ни вратат некој производ, можеме да реагираме до надлежните институции, вели еден граѓанин.

Потрошувачите, исто така, велат дека освен што се соочуваат со постојан раст на цените на прехранбените производи, мораат да се справуваат и со вакви ситуации. Сето ова создава редови на каса, нервоза кај потрошувачите кои треба да чекаат и ја зголемува недовербата кај граѓаните. Како што вели поговорката „кој се изгорел од млеко, дува и на маштеница“, така и граѓаните ќе мораат да ги проверуваат сметките на лице место пред продавачките.

Граѓаните велат дека поради честото менување на цените во маркетите се уште се случува на каса да платат повисока цена од онаа што е на рафт, па како што велат тоа е уште еден аргумент да не веруваат во она што им е отчукано на фискалните сметки.

Надлежните посочуваат дека секој граѓанин кој ќе забележи несогласност помеѓу цената на производот и цената на каса може да го пријави тоа на инспекцијата.

Според Законот за заштита на потрошувачите, трговецот мора да се придржува до истакнатите продажни цени и до условите за продажба. Казните се движат и до 1.200 евра во денарска противвредност за правното лице, односно на трговецот поединец ако не се придржува на истакнатите продажни цени и услови за продажба.

Пазарните инспектори во пракса ги гледаат овие неправилности само ако потрошувачите реагираат. Тие во тој случај прават проверка на извештајот на касата, па ако утврдат неправилност, тогаш изрекуваат казни, но и едукација за тие што го прекршиле законот.

(А.С.)