Директорот на ЦУК ова го изјави во синоќешното интервју за ТВ Клан Македонија прашан дали би ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, која ја најави пред некој ден, и би се вратил со СДСМ доколку победата на изборите им припадне на социјалдемократите
Актуелниот директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, би се вратил во коалиција со СДСМ доколку партијата победи на изборите, но, како што рече, за плата од 5 000 евра. Тој ова го изјави во синоќешното интервју за ТВ Клан Македонија прашан дали би ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, која ја најави пред некој ден, и би се вратил со СДСМ доколку победата на изборите им припадне на социјалдемократите.
„Да, ако ме бараат како професионалец, но за плата од 5 000 евра“,
вели Ангелов на прашањето дали повторно би коалицирал со СДСМ.
Коментирајќи ја изјавата на техничкиот премиер Талат Џафери оти треба да биде разрешен од директорската позиција во ЦУК поради најавата дека ја напушта коалицијата со СДСМ, Ангелов вели оти го разбира Џафери бидејќи, како што оцени, се наоѓа во непријатна ситуација зашто претходно биле разрешени двајца министри од крилото на Арбен Таравари во Алијанса за Албанците.
Сепак, вели оти неговиот и ставот на врвот на СДСМ е оти тој треба да остане на чело на ЦУК.
„Мое убедување и убедување на СДСМ е дека треба да останам. Го разбирам и Талат Џафери оти и тој се наоѓа во непријатна ситуација затоа што претходно се разрешија министри од крилото на Таравари. Мој став е да останам до крај и да ја послушам сугестијата од врвот на СДСМ. Јас се трудам да бидам искрен, не фрлам со дрва и камења по моите коалициски партнери. Имам дозвола од Миле Зечевиќ кој ми кажа ‘седи таму, државата е во прашање’. Мислите дека сакам да останам во ЦУК да работам? Во канцеларијата имам само две цвеќиња, а кога ќе си одам, ќе викнам жива музика и ќе фрлам камен”,
рече директорот на ЦУК во интервјуто за Клан Македонија.
Во интервјуто за Клан, Ангелов зборуваше и за причините поради кои се одлучил да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Говорејќи во оваа насока кажа оти СДСМ покажал голем политички капацитет, но не успеал да се погрижи за она што го барала неговата партија – да го одобри законот за бранители, што го оцени за голема неправда.
„И додека бев во Владата, јас бев критичен. Јас потекнувам од десниот блок и СДСМ ги знаеја моите ставови. ДУИ беше товарот што не му дозволи на СДСМ да изработи како што треба. Многу важен момент е што Ковачевски и министерката Петровска ни дадоа поддршка и тоа треба да се пофали”,
додаде Ангелов.
Со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како што рече, се во контакт околу две години, а партијата дала поддршка на иницијативата на Достоинство за обесштетување на семејствата на бранителите, за што Ангелов е убеден дека ќе се случи по изборите.