Уставниот суд поведе постапка за 14 предмети кои ги оформи по сопствена иницијатива, кои се однесуваат за работата на дел од општините.

– Судот изрази сомнеж дека 14 општини без да имаат законско овластување си пропишале надлежност за автентично толкување на прописите коишто ги донесуваат. Тоа би било можно доколку законодавецот им определи таква надлежност, што сега не е случај, велат од Уставен суд.

Покрај поведувањето постапка за која Судот ќе ја оценува законитоста и уставноста на општинските акти, од Уставен суд известуваат дека на 12-тата седница е одлучено да се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија кои произлегуваат од спорните одредби во Деловниците за работа во општините, а се однесуваат на автентично толкување.

Станува збор за општините: Куманово, Кривогаштани, Свети Николе, Кочани, Демир Хисар, Босилово, Дојран, Чучер Сандево, Радовиш, Чешиново-Облешево, Демир Капија, Ѓорче Петров, Пробиштип, Пехчево.

– Судот во изминатиот период оформи 72 предмета по сопствена иницијатива, кои содржат автентично толкување на различни општини и веќе постапува по нив, соопштуваат од Уставен суд.