Мојата другарка Жане

Почитувани читатели и пријатели,
Досегашните колумни беа посветени на моите другари, што од далеку не значи дека не сум имал другарки кои имале битно влијание во моето секојдневно живеење. Ги има многу на број, и затоа денес мојата колумна ќе ја посветам на мојата една, единствена Жане.
Пишувам за Жана Османли, која денес веќе не е меѓу нас и си земам за слобода да откријам една длабока рана која ја носам во себе со нејзиното заминување. Кога замина таа, како да замина дел од мене со неа…
Беше повеќе од човек, беше голем лик. Во мојот проштален говор ја посочив како „жена која гледаше и зад ридот”. Ваквиот наратив ни најмалку не е случаен, бидејќи говорам за човек, жена, сопруга, мајка, баба и личност која бликаше од интелигенција, мудрост и енергија.
Се запознавме кон крајот на минатиот милениум, веднаш по нејзиното  заминување од функција шеф на кабинет на првиот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Ѝ го препознав капацитетот и веднаш ја ангажирав во мојот инвестициски програм на Република Македонија.
Жана ја оформи Еуролинк- Осигурителна компанија, денеска една од водечките осигурителни компании во Македонија. Таа ги постави базичните столбови на функционалноста на компанијата и го формираше кадровскиот потенцијал,  и ден денес еден од водечките. Нејзини заслуги за  оваа инвестиција се огромни.
Поради нарушеното здравје, мораше да ја напушти првата позиција во компанијата која подоцна ја презеде мојата ќерка Олга и ја издигна до врвен бренд во осигурителниот бизнис во Македонија.
Најискрено,  таа компанија е мојата најуспешна инвестиција во Република Македонија, водена од жени, првенствено од мојата другарка Жана, а потоа од мојата ќерка Олга.
Целиот нејзин професионален живот по заминувањето од Еуролинк,  Жане го помина како мој најблизок соработник за моето севкупно , како во земјата така и надвор.
Жена која што немаше никакви лимити во поимањето на политиката, бизнисот и животот. Во сите сфери беше како звер, наоружана со знаење, енергичност и проникливост  да препознае доблесни луѓе, но и луѓе на кои што не треба да им се даде доверба. Признавам дека во сиот мој мандат како пратеник во Собранието на Република Македонија, Градоначалник на Град Скопје, член на Меѓународната кризна група и член на Советот за надворешни односи на САД, Жана беше мојот најсилен соработник и советник.
Умееше да ги препознае стапиците и пречките во нашето македонско секојдневие, како во политиката, така во бизнисот и во животот.
Ќе споменам неколку случки и ставови кои се автентични на Жана.
Во секојдневната комуникација со Жана, политиката беше една од битните теми, бидејќи имавме заеднички интерес  Македонија да застане на вистинскиот пат за брз прием во ЕУ и НАТО.
Жана беше невидено професионално доверлива личност. Мојата блискост со неа во ниту еден момент не доведе до ситуација  таа да се отвори пред мене и говори за нејзиниот мандат како шеф на кабинет на покојниот претседател Киро Глигоров. Нејзиниот мандат како шеф на кабинет беше во 90-те години од минатиот век, кога Македонија ги минуваше најбурните времиња за нејзиниот опстанок, под силното ембарго и провокации од Грција во врска со нашето име и државотворност.
Успеав  да доловам само дел  од тие тешки времиња за Македонија, на какви сѐ понижувања бил изложен претседателот Киро Глигоров со преговарачите Лорд Овенс и Сајрус Венс, особено од господинот Лорд Овенс.
Мудроста на Глигоров на крајот од преговори триумфираше и Македонија влезе како членка во Обединетите Нации под името FYROM.
Инсистирав кај Жана да ги опише овие збиднувања во нејзини мемоари, но таа едноставно ми кажа: „НЕ, не сакам ништо да ставам на хартија” .  Тоа многу говори каков  човек беше Жана, жена со силна функција, голема одговорност и професионален однос.
Жана беше човек кој ми даде комплетна поддршка во недоразбирањата произлезени од релација СОРОС – Абрамовиц и јас, во Меѓународната кризна група, поврзани со територијалната поделба  имплементирана во Македонија 2004 година. Јас настојував локалната самоуправа да се имплементира на начин кој што одговара на еден модерен , напреден европски терк со граѓански концепт, додека останатите членови од Кризната група инсистираа територијалната поделба да има етнички предзнак, водени пред сѐ  од тукушто завршената војна во 2001 година.
За време на мојот мандат како Градоначалник на Град Скопје, Жана беше вистински советник за тоа што е добро да им испорачам на граѓаните на Град Скопје и да ги одбегнам сите можни пречки кои беа поставувани од политичките партии,  дел од Советот на Град СКопје, а уште повеќе да ми помогне да ги елиминирам можните криминали во градот СКопје.
Последните години од нејзиниот живот беа вистинска борба. Жана умееше да каже: „ ќе го победиме и ракот”, свесна за тежината на болеста и здравствена состојба ниту еден момент не потклекна да бара сожалување или пак разбирање. Немаше  милиметар отстапување во нејзиниот секојдневно рационално и професионално однесување.
Сопругот на Жана, Томислав Османли, врвен писател во Македонија, беше столбот кој на Жана ѝ даваше сила да се зафати во коштец со било каков проблем. Синот Димитар-Рули, ќерката Сандра и внуките, беа нејзиното вистинско богатство, непроценлив капитал  на кој  бескрајно му се радуваше.
За Жана можам да пишувам романи, меѓутоа времето и просторот ме ограничуваат и затоа си земам за право во некоја идна прилика да напишам уште емотивни текстови за мојата непроценливо драгоцена другарка Жана.
Жана ќе бидеш запаметена како човек на кој треба сите да се угледаме. Со твоето заминување од овој свет, светот е посиромашен за еден достоинствен лик. Ќе бидеш запаметена од мене и оние кои те познаваа како ЖЕНА КОЈА МОЖЕШЕ ДА ГЛЕДА И ЗАД РИДОТ. Почивај во мир.

Back to top button
Close