Вести Свет

Нападот на Иран врз Израел е неминовен, Бајден со нова порака до Техеран

Американските разузнавачи сметаат дека ирански напад врз Израел е неминовен, поради воздушниот напад врз конзулатот на Техеран во Дамаск, во кој беа убиени високи воени лица на иранската армија и нејзините сојузнички паравоени формации на Блискиот исток. Израел официјално не коментира за нападот во Дамаск, иако западните сојузници исто како и Иран се убедени дека Тел Авив стои зад него.

Изминатите недели, повеќе земји го повикаа Иран да се воздржи од дополнително ескалирање на ситуацијата во регионот, која е веќе доволно комплицирана со војната и хуманитарната криза во Газа.

Дека Иран подготвува одговор убеден е и американскиот претседател, кој синоќа повторно упати предупредување до Техеран.

Не сакам да навлегувам во тајни информации, но моите очекувања се дека тоа ќе се случи порано отколку подоцна, рече американскиот претседател.

Разузнавачките информации од Иран покажуваат дека во земјата се води дебата околу евентуалниот одговор за нападот во Дамаск, речиси веднаш откако се случи. Според нив во Техеран нема консензус за тоа прашање, бидејќи ситуацијата не е толку едноставна. Сите се согласни дека Иран мора да одговори, но првата дилема е кога, затоа што во моментов целиот регион го очекува тоа и евентуалниот одговор би бил лесно пресретнат. Втората дилема е каков ќе биде тој одговор. Употребата на преголема сила може да предизвика уште поголем одговор од Израел, а не е исклучено и интервенција од САД. Од друга страна, во Техеран стравуваат дека послаб одговор би сигнализирал слабост.

Бајден веќе неколку пати порача дека САД ќе застанат на страната на својот сојузник Израел.

Посветени сме на одбрана на Израел. Ќе го поддржиме Израел, ќе помогнеме Израел да се одбрани. Иран нема да успее, рече Баден.

Во Израел ситуацијата на површина изгледа нормално, Владата официјално не воведе никакви дополнителни мерки, освен постојаните, според кои граѓаните треба да имаат залиха од намирници за 3 дена. Локалните власти добиле наредба да направат подготовки за евентуален напад и да ја проверат состојбата во засолништата. Армијата го откажа отпустот за војниците, ја засили противвоздушната одбрана и активираше дополнителни резервисти.

Иран ќе ги сноси последиците од одлуката дополнително да ја ескалира ситуацијата. Израел е во состојба на висока подготвеност. Ја зголемивме нашата подготвеност да го одбраниме Израел од дополнителна иранска агресија. Подготвени сме да одговориме, порача портпаролот на ИДФ адмиралот даниел хагари.

И додека и двете страни меѓусебно си упатуваат закани, дипломатијата во позадина се обидува да спречи избивање на војна меѓу Израел и Иран. Таа не е во интерес на никој од регионот, а особено на арапските земји на Блискиот Исток, чии високи претставници последниве две недели често го посетуваат Иран, носејќи ја истата порака, воздржаност.

За тоа колку навистина е сериозна ситуацијата сведочи фактот што САД му нареди на својот персонал во Израел да не ги напуштаат Тел Авив и Ерусалим. САД заедно со Обединетото Кралство, Индија и Австралија им препорачаа на своите граѓани да не патуваат во Израел, додека пак Германија ги повика своите државјани да го напуштат Иран.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ФОТО) Една година по масакрот во „Рибникар“

Дејан Дејан

Полицијата влезе во кампусот на „УКЛА“: Пропалестинските демонстранти остануваат и покрај наредбите да си заминат

Дејан Дејан

Полицијата застрела вооружен средношколец во Висконсин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе