Седми избори за претседател на Македонија

Започнаа седмите по ред избори за претседател на Македонија на 3.480 избирачки места во земјава. Гласањето ќе трае до 19 часот.

Гласачите ќе избираат помеѓу кандидатите Стево Пендаровски, поддржан од коалицијата „За европска иднина“, Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од коалицијата „Твоја Македонија“, Стевчо Јакимовски од коалицијата „Храбро за Македонија“, Бујар Османи од коалицијата „Европски фронт“, Билјана Ванковска, поддржана од Левица, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ и Максим Димтириевски од ЗНАМ.

Право на глас на овие избори имаат 1.814.317 избирачи кои ќе избираат на кого ќе му доверат пет годишен мандат на функцијата. Претседателските избори ќе ги следат 342 домашни и 568 странски набљудувачи. Дополнително, изборите ќе ги следат 32 странски новинари.

Народниот правобранител отвори бесплатна телефонска линија за пријавување било каква повреда на избирачко право – 0800 54321. Освен на телефонската линија, повреда на избирачкото право, граѓаните ќе можат да пријават и во главната канцеларија во Скопје, која се наоѓа на улица „Македонија“, број 19.

Државната изборна комисија претходно објави и упатство за гласање на изборите, кое го пренесуваме во целост:

  1. Гласањето се врши лично на гласачките места во Република Северна Македонија и во ДКП/КК;
  2. Избирачкиот одбор на гласачите им го објаснува начинот на гласање и им овозможува да гласаат;
  3. Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право;
  4. Гласачот го приложува документот за лична идентификација – важечка лична карта или патна исправа односно лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година;
  5. Гласачот става отпечаток од показалецот од десната рака на уредот за биометриска идентификација, а доколку гласачот нема десен показалец се зема отпечаток од показалецот од левата рака или во случај на гласачот да му недостигаат овие два прста се зема отпечаток од наредниот прст од десната рака;
  6. Доколку гласачот нема две раце гласачот се внесува во техничката опрема со пребарување преку неговиот единствен матичен број (ЕМБГ);
  7. Доколку УБИГ не може да најде совпаѓање на отпечатокот од прсти со отпечатокот од прсти на гласачот во електронскиот избирачки список, гласачот се внесува во УБИГ преку отчитување на личниот документ на МРЗ скенерот или преку внесување на единствениот матичен број (ЕМБГ), а потоа гласачот става отпечаток од прст на УБИГ;
  8. По потврдувањето на идентитетот, гласачот го става својот потпис во изводот од Избирачкиот список;
  9. Гласачкото ливче се откинува од кочанот по нумерички редослед, му задолжително се става печат на предната страна на местото определено за печат и потоа му се дава на гласачот;
  10. Гласачот добива едно гласачко ливче;
  11. Гласачот гласа сам, тајно зад гласачки параван;
  12. Гласачот гласањето го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред називот/името на листата со хемиско пенкало со мастило во сина боја;
  13. Превитканото гласачко ливче гласачот го става во гласачката кутија;
  14. Гласачот го подигнува документот за лична идентификација;
  15. Гласач кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со Изборниот законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на гласачите. Лицето не смее да влијае врз одлуката на гласачот;
  16. Забрането е семејното и групното гласање, како и гласањето за друго лице;
  17. Забрането е фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон или апарат за фотографирање;
  18. Забрането е носење оружје на гласачкото место.

Инаку, вчера имаа можност да гласаат вкупно 6.935 болни и изнемоштени, затвореници во Казнено-поправните домови и лица во притвор, во старски домови и македонски државјани во странство.

Кандидатот за претседател може да победи во прв круг доколку освои над 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список. Доколку ова не се случи, се одржува втор круг на избори, во кој се натпреваруваат двата кандидати со најмногу гласови од првиот круг. Одзивот во вториот круг треба да биде над 40% за гласањето да се смета за важечко.

Евентуалниот втор круг претседателски избори ќе се одржи заедно со парламентарните на 8 мај.