ЗА КАМПАЊАТА, СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ СОБРА 2.400 ЕВРА ОД ТРОЈЦА ГРАЃАНИ И ЕДНА ФИРМА, А ДОНАЦИИТЕ ЗА СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА СЕ 325.000 ЕВРА

    ЗА КАМПАЊАТА, СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ СОБРА 2.400 ЕВРА ОД ТРОЈЦА ГРАЃАНИ И ЕДНА ФИРМА, А ДОНАЦИИТЕ ЗА СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА СЕ 325.000 ЕВРАЛидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски на конгрес на СДСМ. (Фото: СДК.МК)

    Актуелниот претседател Стево Пендаровски собра најмалку донации од седуммината претседателски кандидати, откако за него донирале тројца граѓани и една фирма. Вкупно, Пендаровски собра од донации околу 2.400 евра за изборната кампања. Тројцата граѓани донирале по 6.150, 22.687 и 3.075 денари, сите на 22 април, додека правното лице донирало 115.005 денари, според извештаите за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, поднесени на 11. и на 20. ден од изборната кампања до Државниот завод за ревизија (ДЗР).

    Најмногу донации во кампањата собра кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова, околу 325.000 евра. За Силјановска-Давкова донирале 526 физички и едно правно лице, според извештајот доставен до ДЗР.

    Кандидатот на ДУИ Бујар Османи собра 69.000 евра, а по него следуваат кандидатот на коалицијата „Вреди“ со 55.000 евра, кандидатката на Левица Билјана Ванковска со речиси 18 илјади евра, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски со 16 илјади евра и кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски со 12 илјади евра.

    Во вториот круг од претседателските избори, на 8 мај ќе се соочат Пендаровски и Силјановска-Давкова. Тие освоија најмногу гласови во првиот круг – Силјановска-Давкова 362 илјади, а Пендаровски 180 илјади.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира