Во Косово приведен македонски државјанин, по кого била распишана меѓународна потерница поради тешко убиство

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 Во Косово е приведен државјанин на Република Северна Македонија, по кого Интерпол, на барање на македонската полиција, распишал меѓународна потерница, затоа што како осуден за тешко убиство не се вратил на издржување на казната откако бил пуштен на викенд.

Основниот суд во Урошевац денеска соопшти дека го одобрил барањето на Основното обвинителство од истиот град за определување мерка притвор против лицето идентификувано со иницијали Н.Е., побарано од властите на Република Северна Македонија, врз основа на меѓународна потерница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешко убиство, кое кривично дело е предвидено и со Кривичниот законик на Република Косово.

Според соопштението, по одржување на распит и анализа на списите на случајот, судијата во претходна постапка на Одделот за тешки кривични дела, оценил дека постои основано сомнение дека е распишана меѓународна потерница по истото лице од Интерпол, со барање од 7 март 2022 година на Република Северна Македонија, поради кривично дело тешко убиство, кое кривично дело е предвидено и со Кривичниот законик на Република Косово.

– Во врска со ова, обвинетиот Н.Е., е осуден на затворска казна од страна на Судот во Скопје, каде што ја издржува казната веќе неколку години, така што уште без да ја издржи казната во целост, во моментот кога бил пуштен на слобода за на посета, избегал од Република Северна Македонија. Судијата во претходна постапка го одобри барањето на државниот обвинител за определување мерка притвор против обвинетиот согласно член 22 став 1 од Законот за меѓународна правна соработка во кривична материја (Закон бр.04/Л -213) и на истиот му е одредена мерка притвор во траење од четириесет дена. Во овој случај се известуваат странките дека жалбата против ова решение не го одложува неговото извршување, се наведува во соопштението.

Засега нема информации за тоа кога, каде и во кои околности е уапсен во Косово македонскиот државјанин.