Приведени тројца градежни работници кои за време на пожарот биле во Универзалната сала

Три лица се приведени во врска со пожарот што утринава избувна во Универзалната сала во Скопје, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според полициското соопштение, се работи за тројца градежни работници кои во моментот на пожарот извршувале работни задачи во објектот на Универзалната сала.

„Во врска со пожарот, во полициска станица од општа надлежност ‘Центар’ се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53)“,информираат од МВР.

Оттаму во изјава за „360 степени“ појаснуваат дека се работи за редовна процедура и дека градежните работници се повикани на распит во полициска станица.

Дополнуваат дека Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје презема мерки за расчистување на случајот.

Претходно денеска, сопственикот на фирмата „Универзал Балкан“, која работи на реконструкцијата на салата, Лазар Арсовски, во изјава за медиумите кажа дека во моментот на избувнување на пожарот во објектот не се изведувале градежни активности, но дека на местото биле присутни еден инженер, чувари и двајца работници.

Тие, како што рече Арсовски, пробале да го изгаснат огнот со противпожарни апарати.

Total
0
Shares
Поврзани објави