Трпение, спасение

Ни „се случи народ“, вели триумфално приврзеник на опозицијата во синоќешната дебата по повод првиот круг претседателски избори. Тој израз за прв пат го слушнав на почетокот од деведесеттите кога Слободан Милошевиќ јаваше на бранот на национализмот и повредената српска гордост и чест. Кај нас вчера на одлично организирани демократски избори од страна на власта, убедливо победи опозицискиот кандидат.

Политиката која ја имаше поддршката на ЕУ и на САД за промена на уставот и членство во Унијата до 2030 доживеа катастрофален пораз. Ако се повтори истото и на парламентарните избори после две недели, македонската држава врти нова страница во односите со сојузниците. Каква ќе биде реакцијата на Вашингтон и Брисел е нешто што само тие го знаат. Конаечно, затоа аборуваме за „надворешна“ политика.

На нас е да го продолжиме внатрешниот дијалог во потрага по најдобри политики за нашата држава. Така, доаѓам до сознанието дека во светлината на огромната победа станува опасно да се игра на картата на одбивање на албанските партии да учествуваат во идната влада на Мицкоски.

Несомнено е дека Америка ја има таа моќ и тоа влијание да ги построи албанските партии, но гневот на Македонците за сите неправди и „неправди“ направени последниве три децении е толку голем што секое попречување да се формира влада може да доведе до сериозна меѓуетничка криза.

Сите оние кои не гледаат како на предавство на нужните компромиси кои како држава и народ ги правевме од независноста до денес, треба да стават прст на чело. На Македонија не и треба украинско сценарио туку мирна транзиција кон членство во ЕУ.  Гневот мора да се извентилира така што на скоро извесно, новиот претседател и новата владина екипа ќе и се даде можност да покаже што знае. Како истражувач и активен учесник во меѓународната политика знам дека за една мала држава просторот за успеси на меѓународен план е многу тесен. Како истражувач на современите политички системи, пак, умот ми е на мислата на Роберт Дал кој вели: Погледнете го вашиот политички систем и знајте дека во вашиот животен век тој битно нема да се промени. Но, народот не чита книги туку, во борбата за сопствен и опстанок на своето семејство, учи од искуство. Од едни избори до други, преку обиди и грешки.

Да создадеме атмосфера на мир и спокојство во која идната екипа на власт во најава, ќе покаже што знае и умее. Смената ќе предизвика пауза на патот кон ЕУ , но, во наредните пет години, народот да може да се увери колку е тешко да си мала држава во меѓународната политика и колку е тешко во домашната политика да се ослободиме од нашиот ориентален менталитет кој не познава партиски граници. Така, сите ветувања на идната власт во најава, за драматични промени во меѓународната и во домашната политика, ќе се сведат на правата мерка. И народот ќе знае.

Денко Малески

Back to top button
Close